Вечерва во велешкиот театар со претставата „Вистински запад“ гостува независната театарска група „Штрих“ од Скопје. Театарската претстава во режија на Борис Василески е работена по текст на американскиот драматург и актер Сем Шепард. Драматурскиот текст обработува социолошки аспекти на личности кои во овој независен проект поставуваат и истовремено одговараат на повеќе прашања како што се:
„Сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите? „Вистинскиот запад“ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил до сега?“ не исчезнува“.
Во претставата играат: Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев и Тања Кочовска.Сценографијата и дизајн на светло е на Мартин Манев, костимографија на Симона Даноска а извршен продуцент е Ава Хусеини. Превод од англиски јазик е на Марио Стојаноски, музика на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски додека дизајнот на Ана Јачева. Претставата на независната театарска група „Штрих“ велешани ќе може да ја проследат во среда, 11 мај, со почеток во 20:00 часот на голема сцена на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.