„Да не ни го земеа морето, ќе имавме пристаниште“, кажал Орбан алудирајќи на хрватското приморје, пишуваат медиумите во Хрватска – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/22 8:22 AM

„Да не ни го земеа морето, ќе имавме пристаниште“, кажал Орбан алудирајќи на хрватското приморје, пишуваат медиумите во Хрватска

Унгарскиот државен секретар за информации Тамаш Менцер изјави дека премиерот Виктор Орбан, спомнувајќи го „одземеното море“, зборувал за „историски факт“ и дека хрватското Министерство за надворешни и европски работи „не разбрало нешто“ во таа изјава.

-Хрватското Министерство за надворешни работи нешто погрешно разбра, изјави Менцер, коментирајќи ја одлуката на хрватското министерство да го повика на разговор унгарскиот амбасадор во Загреб, поради коментарите на премиерот Виктор Орбан, пренесе агенцијата МТИ.

Во интервју во петокот, посветено, пред се, на заедничкото ембарго на Европската унија, на што Унгарија се противи, Орбан кажа дека земјите што имаат мориња и пристаништа можат да носат нафта на танкери.

„Да не ни го земеа морето, ќе имавме пристаниште“, кажал  Орбан во интервјуто, алудирајќи на, како што пишуваат медиумите, хрватското приморје.

Менцер на Фејсбук соопшти дека Орбан се повикал на „историски факт“.

„Се надевам дека медиумската хистерија нема да завладее меѓу нашите хрватски пријатели и дека ќе можеме да продолжиме да работиме во интерес на развивање на нашата соработка“, додаде унгарскиот функционер.

Унгарскиот амбасадор во Загреб бил повикан во хрватското Министерство за надворешни работи да ја објасни изјавата на Орбан дека „Унгарија ќе го имаше морето доколку не и беше одземено“, соопшти МТИ.

Хрватското Министерство за надворешни работи остро реагираше и ја осуди изјавата на Орбан, која според хрватските медиуми имплицира дека Јадранското Море и било одземено на Унгарија.

МИА

Фото: Твитер