Потегот на нашата евровизиска претставничка, Андреа која го фрли македонското знаме за време на фотографирањето во Италија, ја подели домашната јавност. Социјалните мрежи „експлодираа“ откако беше објавено видеото на кое се гледа тоа, но во лавината коментари, дел од корисниците не штедеа на зборови. Дел од коментарите се полни со навреди, пцовки, па дури и закани. Осудите за нејзината постапка се претворија во говор на омраза, кој според домашната законска регулатива се смета за казнено дело.
Дел од навредливите коментари на социјалните мрежи
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов во разговор за ММС го подели проблемот на два аспекта: првиот е дека Евровизија е забавен настан со натпреварувачки карактер, а вториот аспект е дека кога станува збор за државни симболи, реакциите и чувствата се поголеми, а ова не е прв случај со бурни ракции.
Третиот аспект е дека не постои оправдување за говорот на омраза и непристојните и навредливи зборови кон македонската претставничка Андреа.
– Се случи непријатна случка која таа ја објасни и даде извинување. Таа е таму да не претставува под знамето на Македонија и не гледам зошто намерно би го направила тоа. Непријатната глетка беше нешто што заслужи да добие објаснување и тоа го доби. Мислам дека треба да се сплотиме под боите на знамето, да продолжиме напред во духот на Евровизија кој е дух на различности, сплотување и заедништво – истакна Бојан Кордалов.
Тој вели дека е многу важно да се потенцира дека ова што го гледаме по социјалните мрежи како говор на омраза, како соочување и како кавга меѓу народот, е последица на тоа што се случува во општеството.
– Многу често ги обвинуваме луѓето. Да, има индивидуална одговорност кај секој што ќе направи грешка и тој си одговара за тоа. Но, ако бараме општествено решение, ова е последица на лошата комуникација на политичарите кои користат погрдни зборови во своите партиски соопштенија, на лошата клима и некомуникација за важни прашања.
Ние забораваме дека претставничката има 21 година. Таа направила грешка и треба да се соочи со последиците, но не може да ја линчуваме затоа што не знаеме до каде тој говор на омраза може да отиде и што може да предизвика кај секој млад човек. Ако превземате одговорност во општеството, а Евровизија е одговорност, секако дека сте под светлото, ве анализираат на секој настап. Но, користењето на погрдни зборови и говорот на омраза само ја отсликуваат последицата во општеството од лошата политичка клима. На политичарите како да им одговара оваа ситуација луѓето да коментираат за други теми, наместо за она што тие го прават во земјата – објасни Кордалов.
Најголем дел од публиката коментира на објавите само врз основа на прочитаниот наслов кој не секогаш ја открива целосната информација, но не и врз основа на информациите од самиот текст. Сепак, тешко е да се процесуираат или проверуваат сите информации кои ги има премногу во текот на еден ден, па затоа и изостанува критичкото размислување кај секој од нас.
– Според сите статистики 100% или секој човек чита само наслови. Човековиот мозок не може да ги обработи и многу тешко продолжуваме да читаме повеќе од една реченица или еден пасус. Не гледам повеќе критичко или креативно размислување кај секој од нас што треба да се учи во училиштата од најрана возраст. Да не заборавиме дека до скоро имавме систем во кој оспорување на авторитети не беше дозволено и се гледаше на тоа како на нешто страшно, како на лоша критика. Втората работа е што многу повеќе треба да вложуваме во градењето на вестите и нивната професионална содржина, а третата работа е институциите да ги зајакнуваат законите и да преземаат мерки.
Ние бегаме од долгорочни решенија затоа што ни требаат резултати сега и затоа набројувам три начини, краткорочно, среднорочно и долгорочно. Еднаш мора да почнеме да градиме систем и мора да се направат долгорочни стратегии – смета специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.
Орце Костов
Вања Мицевска
Фото: Приватна архива и Фејсбук