„Комерцијален текст“
Скопје, 10.05.2022 – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија официјално ја презентираше Алијансата за родова еднаквост на работното место (анг. Gender Equality Alliance – GEA), иницијатива која ќе се стреми да придонесе за еднакви можности, еднаква застапеност и еднакво вреднување на трудот. ГЕА ќе биде насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се вреднуваат за нивниот уникатен придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место.
На настанот по повод лансирањето на иницијативата се обрати Mинистерката за труд и социјална политика – г-ѓа Јованка Тренчевска.
– “Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на креирање на политики, стратегии и предлог закони кои директно се насочени кон унапредувањето на родовата еднаквост. Во тек на 2021 година МТСП ја подготви новата „Стратегија за родова еднаквост 2022-2027 која има за цел постигнување родова еднаквост во општество во кое жените и мажите, девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, пристап до ресурси, можности и заштита во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив економски, демографски, социјален развој и напредок на земјата. Започнат е и процесот на изработка на вториот Индекс за родова еднаквост, кој ги проценува разликите меѓу жените и мажите преку економски, политички, образовни и здравствени критериуми. Но би сакала да истакнам дека се работи и на нов Закон за работни односи – со кои се предвидува родителско отсуство со што се унапредува родовата еднаквост, но и усвојување на постапка за ратификација на Конвенцијата 190 на МОТ која се однесува на справувањње со насилство и вознемирување на работа”
Претседателката на АЕТМ и ГЕА, Д-р Нина Ангеловска, потенцираше дека компаниите треба да преземат водечка улога во промовирањето на родовата еднаквост на работното место, како и да бидат пример за другите.
– “Речиси сите студии укажуваат на фактот дека поголема вклученост на жените на високи позиции води до подобри бизнис перформанси, а дека тимовите со еднаква застапеност се поефикасни. Недоволната застапеност на жените претставува загуба за бизнисите, општествата и економиите. Алијансата за родова еднаквост (ГЕА) е фокусирана на адресирање на родовиот јаз на работното место и се стреми да претставува платформа која ќе овозможи компаниите да преземат активна и водечка улога во промовирањето на родова еднаквoст, и преку кревањето на свеста за пропуштениот потенцијал за нашите компании, општество и економија да поттикне јавно-приватен дијалог кој ќе биде проследен со акција и промени. Промените тргнуваат од секој ден од нас, а мали здружени чекори може да донесат значајни промени кои се од интерес и за доброто на секој еден од нас.“ – истакна Ангеловска во поздравното обраќање
На настанот беа присутни претставници од развојните меѓународни организации, бизнис секторот, невладиниот и владиниот сектор, пред кои беа промовирани кратки видеа за подигнување на свеста за важноста на еднаквоста на работното место, претставувајќи ги клучните партнери како примери со нивните насочени пораки на темата.
Инаку, заложбите на Алијансата се дел од #GenerationEquality иницијативата на UN Women каде Алијансата е препознаена како т.н Committment maker. #GenerationEquality има за цел да поттикне моќна и трајна коалиција за родова еднаквост и претставува витален момент за активистите, феминистките, младите и сојузниците да постигнат трансформативни промени за генерациите што доаѓаат.
– „За да постигнеме одржлива родова еднаквост како и трансформативни промени за генерациите што доаѓаат, важно е да се премости јазот помеѓу генерациите, да се разменат искуства, мислења, заложби, да се најдат нови креативни и иновативни начини, за да може секоја девојка и секоја жена да учествува еднакво, со моќ на одлучување во сите сфери на животот. Акционите коалции како дел од Еднаквост на генерациите допринесуваат кон тоа.” – истакна Весна Ивановиќ-Кастареде, програмски специјалист и шеф на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.
– „Родовата еднаквост на работното место е стратегија на победници. Кога во една организација има спој од различни луѓе, полесно се доаѓа до подобри идеи, а со тоа неизбежно и до супериорни резултати во работењето. Во средина во која се поттикнува родовата еднаквост и се цени различноста, луѓето се посреќни и се чувствуваат пријатно, заради што и допринесуваат повеќе. Целта на оваа иницијатива е да ги мотивира сите чинители да ја препознаат вредноста во различноста, затоа што постигнувањето на родова еднаквост е одговорност на секој еден од нас и треба да ни биде социјален и економски императив.“ – изјави г-ѓа Марија Томеска, Претседател на управниот одбор на Еуролинк осигурување, која е воедно и член на Советот на Алијансата.
– Г-дин Емил Крстановски, Национален координатор на Меѓународната организација за труд додаде дека „Економскиот и општествениот императив на родовата еднаквост повеќе не може да се доведува во прашање. Сепак, фрустрирачки спорото темпо на промени во последните децении, и покрај законските и институционалните мерки, покажуваат на структурни бариери. Жените продолжуваат да се прилагодуваат на свет на работата обликуван од мажите за мажите.“
ГЕА е формирана со поддршката од Мастеркард, Касис и Еуролинк осигурување како главни партнери и A1 Македонија како партнер и е отворена за сите кои сакаат да се вклучат и да ја искажат својата поддршка кон нејзините цели.