Вработената во затвор во Флоренс, Алабама, САД – Вики Вајт почина вчера, откако беше уапсена заедно со осомничениот за убиство – Кејси Вајт, во Евансвил, Индијана. Со тоа беше прекината 10-дневната потрага, соопшти полицијата во Индијана.
Откако затвореникот Кејси Вајт (38) и заменичката-директорка во казнено-поправниот дом во Округот Лодердејл, Вики Вајт (56) беа забележани во хотел, следеше потера со автомобили што заврши со судир. Вики Вајт, која го возела „Кадилакот”, била згрижена в болница со многу сериозни повреди од самонанесена прострелна рана,а подоцна починала од повредата.
Потерата низ автопатиштата траела само неколку минути.
Кејси Вајт и Вики Вајт не се роднински поврзани. Тие двајцата побегнале од затворот во Лодердејл на 29 април. Според властите, Вики Вајт доброволно учествувала во бегството, што се случи на нејзиниот последен ден пред пензионирањето.
Кејси Вајт се соочува со обвинение за наводно убиство со избодување жена до смрт во 2015 година. Тој ќе биде вратен во Лодердејл за да биде изведен пред суд, соопштија тамошните власти.
МИА
фото: Mondo.rs