Случајот со Ембла од Гостивар е најтежок облик на дискриминација во првиот квартал од годинава – велат од КСЗД – ММС
ММС

Објавено на: 05/9/22 1:55 PM

Случајот со Ембла од Гостивар е најтежок облик на дискриминација во првиот квартал од годинава – велат од КСЗД

Половина од сите претставки кои во првите три месеци од 2022 биле поднесени до Комисијата за спречување  и заштита од дискриминација (КСЗД) биле од областа на јавно информирање и медиуми и најчесто се поради вознемирување на социјалните мрежи.

Најтежок облик на дискриминација во првиот квартал од годинава е случајот со 11-годишната ученичка со посебни потреби во ОУ „Братство” во Гостивар, за кој Комисијата утврдила сегрегација, постапувајќи по службена должност. Во периодот од јануари до крајот на март КСЗД постапувала по 95 претставки, од кои 57 биле поднесени во овој квартал.

Игор Јадровски, член на Комисијата, на прес-конференција рече дека во првиот квартал од годинава Комисијата донела 46 одлуки – во 26 мислења утврдиле дискриминација, во десет не утврдиле, во два случаја не постапиле или ја запреле постапката согласно законските надлежности, а осум претставки биле отфрлени поради ненадлежност, неуредност или ненавременост.

-Во однос на видовите на утврдената дискриминација продолжува трендот од 2021 на утврдување потешки облици на дискриминација – направена по повеќе основи, повеќекратна или повторена дискриминација и најголем број мислења во кои сме утврдиле дискриминација се од потежок вид – 14 вакви мислења.  Во десет мислења сме утврдиле вознемирување и три во кои сме утврдиле потешка форма на вознемирување – кое било продолжено, повеќекратно или, пак, повторено. Имаме еден случај на повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација и еден случај во кој имаме утврдено сегрегација, рече Јадровски, соопштувајќи ги наодите од кварталниот извештај.

За случајот со девојчето од Гостивар, кое поради попреченост и по петиција на родители на нејзини соученици беше преместена од одделението во несоодветна просторија, КЗСД постапила по службена должност и утврдила продолжена дискриминација, исклучување и сегрегација.

-Иако ова беше потежок облик на дискриминација, сепак по укажувањето и препораките на Комисијата, ова е еден од ретките случаи во кои имаме добиено сеопфатен одговор кој значи постапување по сите препораки. Дел од нив беа веднаш исполнети од училиштето – како на пример враќање на девојчето во одделението, правење посебна програма за нејзините потреби и извинување на родителите. Училиштето нѐ информираше дека во соработка со регионалните ресурсни центри ќе обезбеди посебна просторија која ќе има асистивна технологија и дека во соработка со училиштето „Златан Стремец” е во постапка на изготвување програма за сензибилизација на вработените во училиштето и на родителите. Ова го издвојувам како позитивен случај, иако има и други, но беше медиумски најприсутен и најдобро покажува како сеопфатното делување може да се направи промена, истакна Јадровски.

Од вкупниот број примени претставки (57) во кварталот јануари-март 2022, најзастапени области на дискриминација се медиумите и јавното информирање (50 отсто), работа и работни односи, кои минатата година како област биле најзастапени, сега се на второ место со 19 отсто,  пристап до добра и услуги (15 отсто), образование (12 отсто) и спорт (4 отсто).

Во однос на дискриминирањето во областа јавно информирање и медиуми, кое по бројот на претставки е најзастапено, Јадровски појасни дека најчесто се работи за вознемирувања на социјалните мрежи, посочувајќи притоа дека за разлика од Законот за медиуми, нивната Комисија пошироко ја третира оваа област и во дефиницијата за медиуми ги опфаќа и интернет-порталите и социјалните мрежи.

Јадровски соопшти дека има значително зголемување на одлуките во споредба со 2021 односно во првиот квартал од годинава се донесени 30 отсто или една третина од вкупниот број одлуки што Комисијата ги донела во 2021 година.

-Во 2021 година пристигнаа 77 претставки, а постапувавме по 167 претставки. Тоа значи дека во првиот квартал ние имаме примено 74 проценти од вкупниот број претставки кои сме ги примиле во 2021 година, а сме постапувале по 57 отсто од вкупниот број претставки  што сме ги примиле за цела 2021 година – рече Јадровски .

Во однос на 2021, забележливо е зголемување на бројот на правни лица кои поднесуваат претставки (23) и најмногу се од здруженија на граѓани. Од физички лица се поднесени 30 претставки во периодот јануари-март. Три претставки ги иницирала Комисијата по службена должност, за разлика од лани кога во цела година иницирала две претставки.

Јадровски рече и дека зголемениот капацитетот на стручната служба со двајца нови административни службеници, покрај 12-те со кои располагала, ќе ја зголеми ефикасноста на КСЗД, но дека сѐ уште се дефицитарни и им е потребен кадар и нови вработувања.

 

МИА