Националниот координатор д-р Маја Мојсова Мијовска, болничките координатори заедно со екипите од Клиниката за Неврохирургија, КАРИЛ, Рендген институтот, Клиниката за трансфузиологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за кардиологија и хируршките клиники за Урологија и Ортопедија викендов успешно ја прават третата по ред трансплантација од почетокот на годинава, информира Министерството за здравство.
На фејсбук-профилот од Министерството соопштија дека и двајца млади пациенти на дијализа ќе добијат бубрези од починат донатор чие семејство вчера попладне даде согласност за да ги донира органите. Дополнително, во наредните денови ќе следуваат трансплантации на коскени ткива кај пациенти кои се лекуваат на Клиниката за Ортопедија, информира Министерството за здравство.
– Благодарност до семејството на пациентката, особено до нејзината млада храбра ќерка чија храброст, хуманост и добрина ни донесоа ден полн надеж и живот за најмалку двајца пациенти. Уште еднаш големо сочувство за нивната загуба и благодарност за нивната хуманост, велат од Министерството за здравство.