По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против три лица за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето.
Епилогот од овој скандал, кој минатата година ја потресе јавноста, го чекаат сите, особено родилката Јилдз Веапоска од Дебар, на која при породување во болницата во Струга и биле извадени три здрави органи.
ММС ја контактираше родилката, која ни рече:
-Плачам од среќа и се надевам дека правдата ќе победи. Ова е само почеток, да видиме како ќе биде. Дај Боже да оди како треба, да победи првдата и да ја добијат казната што ја заслужуваат и ова веќе да не се повтори никому. Не сакам веќе ниедна родилка да се најде во моја кожа, ни рече Веапоска.
По породувањето и откако и извадија матка, јајник и бубрек, Јилдз долго време поминуваше низ болничките ходини во Скопје, обидувајки се колку толку да си го врати здравјето, за да може да му се посвети на мајчинството. Таа вели дека здравјето никогаш нема да и биде како што било, но дека се бори да застане на нозе.
-Здравствено како се чувствувам тешко е да се објасни. Се лекувам уште. Се лекувам на психијатрија, пијам таблети… тоа е. Со лекарства некако опстанувам. Нема што да се прави, назад нема враќање. Добро е што сум жива, другото со тек на време се надевам дека ќе се смири, ни рече таа.
Според утринската инфорција од ОЈО, првообвинетиот како лекар – специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како лекар – специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како лекар – гинеколог акушер, вработени во Јавната здравствена установа – Медицински центар – Струга, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентка – родилка од Дебар, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.
Весна Миленковска