Почна четвртото коло на СЕХА-лигата, кое носи интересни пресметки меѓу екипи од врвот, но и од долниот дел на табелата. Металург својот натпревар ќе го одигра денеска а наш противник ќе биде тимот на Извиѓач, кој во претходните три кола, исто како и Металург, забележа три порази.
Помошникот-тренер на Металург, Оливер Димитриоски и пикерот на тимот, Милан Лазаревски се оптимисти и најавуваат победа и први бодови за Металург.
Димитриовски посочува дека нивниот најголем проблем и понатаму се повредите и кратката клупа, ако се земе предвид дека се уште се неизвесни Томислав Јагуриновски и Мартин Велковски.
„Како и да е, се надеваме и посакуваме позитивен резултат, иако тоа не ни е во преден план. Наша цел е да создадеме македонски тим што за две-три години ќе може да донесе резултати“, истакнува Димитриоски.
Дваесет и едногодишниот Милан Лазаревски смета дека се тактички добри, но како што вели, физички и психички не издржуваат:
„Кратката клупа за нас е кобна на секој натпревар, но тоа не треба да ни биде оправдување. И покрај тешките околности, треба да направиме нешто повеќе и да покажеме дека вредиме. Против Извиѓач ја гледам нашата шанса за прва победа сезонава, победа што позитивно ќе влијае на кревањето на самодовербата, што е многу значајно за нашата млада екипа. Ние сме благи фаворити и убеден сум дека ќе го запишеме првиот триумф“.
Натпреварот меѓу Металург и Извиѓач ќе се одигра вечерва со почеток во 20 и 45 во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје .