Беше фатално кога престанав да одам, уште повеќе кога седнав во количка – Симона Николова со пишување се справува со ретка болест – ММС
ММС

Објавено на: 05/9/22 11:42 AM

Беше фатално кога престанав да одам, уште повеќе кога седнав во количка – Симона Николова со пишување се справува со ретка болест

Писателите треба да пишуваат тешко и јасно за тоа што боли, рекол познатиот Ернест Хемингвеј.

Иако тој можеби не го знаел тоа во тоа време, истражувањата сега покажуваат дека пишувањето за она што боли може да го подобри менталното здравје. Постојат повеќе студии кои го покажуваат позитивниот ефект на пишаниот збор врз менталното здравје, а пишувањето токму на ваков начин го доживува и младата Симона Николова од Скопје.

Симона (28) ѝ страна позната на јавноста по пишувањето книги, со кои таа отвора еден нов свет за себе и за своите читатели. Како што вели, пишувањето ѝ станало лек за душата кога била приморана да се соочи со предизвиците на ретката болест Фридрајхова атаксија со која била дијагностицирана на осум ипол години.

Денес Симона има шест книги зад себе, а веќе ја пишува и седмата, додека во меѓувреме создава и сценарија за филмови. Какви тематики обработува во своите книги, што значи за една млада личност живеењето со ретка болест и од каде црпи инспирација се дел од прашањата на кои оваа авторка одговори за ММС.

Вашата животна приказна е особено инспиративна, ако се знае дека творите и пишувате додека се борите со ретката болест Фридрајхова атаксија. Кои се симптомите за оваа болест и како ја откривте?

-Дијагнотизирана сум во 2002-та година на осумипол годишна возраст. Оваа болест е навистина тешка. Симптомите за оваа болест се губење на рамнотежа, губење на движење – горните и долните ексремитети, искривување на прстите на рацете тешкотии во говорт како и во дишењето, но сепак зависи колкава е прогресијата. Оваа болест е генетска, така што наследна е и може да наследена од некој фамилијарен од пред 100 години. Се дијагнотизира преку крв, но откако ќе се појават првите симтони, предходно не.

Кажете ни нешто повеќе за вас – за вашето образование и за она што сакате да го правите во слободно време освен пишувањето. Дали и самата сте страстен љубител на книгите и што највеќе сакате да читате? Дали има некоја книга која ви го променила животот?

-Останав само со средно образование поради болеста, а имав желба да студирам за режисер. Филмовите ми се најголема страст. Всушност јас сум сценарист и обожавам да креирам мои приказни. Така и решив да пишувам книги. Кој ги прочитал ќе забележи дека имам поразличен и многу свој стил на пишување. Повеќе читам онлајн бидејќи со прстите тешко ги вртам страниците на физичките книги, така што поретко ги читам. Дури едвај куцам на тастатура. Книгата која ми го промени животот, односно позитивното размислување беше книгата Моќта на потсвеста.

Како ја прифативте ретката болест и со што сѐ се соочувавте изминатите години?

-Ах… искрено на почетокот откако престанав самостојно да одам беше фатално за мене, а уште повеќе кога седнав во инвалидска количка. Ја прифатив состојбата како нешто привремено. Немам сериозни физички болки за среќа.

Какви предизвици ви носи во секојдневието оваа болест? Од што сѐ моравте да се одвикнете или навикнете со новата состојба?                                               

-Да не беа предизвиците кои ми ги наметна оваа болест немаше да ја откријам храброста што ја имам, борбеноста, а посебно мојот талент кон пишувањето, а истата со себе ми донесе некои работи од кои морав да се одвикнувам како на пример сѐ што прави една млада личност, а се навикнував на секојдневието што самата болест го носи со неа.

Какви потешкотии имате во однос на комуницирањето и како со ова се справувате?

-За мене најтешко беше губењето со говорот иако не е целосно, имам тешкотии во комуницирањето исто така и со некој читател, да излезам со него или да разговарам за моите книги. За сега ми се од голема помош социјалните мрежи, исто така се надевам дека наскоро сето ова ќе заврши благодарение на лекот за кој има најава дека ќе ја подобри состојбата во која се наоѓам.

Колку оваа болест придонесе да се свртите кон пишаниот збор?

-Токму оваа болест ми придонесе да се свртам кој пишаниот збор. Пишувам од мои 16 години кога за првпат напишав краткометражно сценарио. Тука и се пронајдов како писател, иако сепак во иднина се гледам пред се како филмски сценарист.

Која ви е инспирацијата за вашите книги? Една од книгите е и автобиографска, па дали е тоа на некој начин и Ваш дневник и што сакавте да доловите преку неа?

-Инспирацијата ја добивам од апсолутно сѐ што ќе видам и чујам и си креирам моја приказна, воедно тука спаѓаат и филмовите и латиноамериканските серии кои ги гледам секојдневно. Досека имам 6 книги и седмата е при крај. Пишувам книги од разни жанрови од кои некои хорор, романса-трилер и имам во план да креирам уште две љубовни приказни. Да, една од книгите е моја кратка автобиографска во која сакав на некој начин моите читатели малку да ме запознаат.

Вашите книги се продаваат и онлајн, каков е интересот за нив надвор од земјава? Колку социјалните мрежи Ви помагаат да се зближите со Вашите читатели?

-Да, моите книги се продаваат онлајн, но и физички книги на платаформата на Амазон. Секако, тоа се англиски верзии, а планирам и шпански верзии. Досега е многу добро, купени се во повеќе земји и јас сум задоволна. Во поглед на социјалните мрежи ми помагаат пред се за да ме запознаат како писател голем број читатели од кои голем дел  мои обожаватели, а исто така и стекнати голем број пријателства.

Имате ли човек покрај себе кој ви е поддршка или сѐ уште сте во потрага по љубовта?

-Да одговарам реално на оваа прашање имам и поддршка и љубов, но не од партнер туку од моето семејство и пријателите. Љубов од партнер, односно сакана личност го оставам за понатаму, во моментот фокусирана сум на здравјето.

Се занимавате и со пишување сценарија, откријте ни нешто повеќе околу ова… Дали веќе се снима филм според некое од Вашите сценарија, какви приказни обработувате преку нив?

-Пишувањето сценарија не е исто како и пишувањето книги, тоа бара повеќе посветеност и концентрација. Пишувањето сценарија има малку покомплицирани правила, како и да е тоа е мојата вистинска страст. Моите сценарија ги имам понудено овде кај нас на повеќе од десет режисери, за жал бев одбиена, но тоа не беше пречка да застанам па неочекувано добив понуда од една млада продукција од Шпанија, ми побараа краткометражно сценарио од околу 10 до 20 минути. Моментално тие работат на друг филм долгометражен, а таквиот филм бара повеќе време за снимање, монтажа издавање и други дополнителни работи така што јас уште чекам. Моите сценарија се приказни кои ги обработувам во повеќе жанрови. Се надевам дека еден ден ќе дојдам до Холивуд.

 

Вања Мицевска