Европската агенција за лекови (ЕМА) планира до септември да одобри вакцини против новите варијанти на коронавирусот – најави Марко Кавалери, директор за стратегии за биолошки здравствени закани и вакцини при ЕМА.
Тој рече дека приоритет на Агенцијата е да се осигура дека овие вакцини би биле евентуално одобрени најдоцна до септември.
„На тој начин Европската унија би можела да биде спремна за воведување нови кампањи за имунизација наесен, а производителите би можеле да го прилагодат своето производство“, додаде тој, пренесува Анадолија.
ЕМА претходно ги одобри вакцините на Фајзер, Модерна, АстраЗенека, Новавакс и Џонсон и Џонсон, но регулаторното тело мора повторно да направи проценка ако фармацевтските компании го менуваат производот за да биде ефикасен против новите соеви.
Според последните податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, повеќе од 72,6 проценти од населението во ЕУ е вакцинирано, а 51,6 проценти примиле бустер доза.
Извор: balkans.aljazeera.net
Фото: Архива