(Видео) Доктор ќе потврди дали коњите се во добра кондиција за да влечат трупци – АХВ нема да ја забрани „Штрапаријадата“ – ММС
ММС

Објавено на: 05/5/22 8:56 PM

(Видео) Доктор ќе потврди дали коњите се во добра кондиција за да влечат трупци – АХВ нема да ја забрани „Штрапаријадата“

Утре во Берово ќе се одржи „Штрапаријада“, настан во кој сопствениците на коњи со своите домашни животни ќе се натпреваруваат во влечење трупци кои тежат до неколку тони. Со импровизираниот „спортски“ настан во општина Берово ќе се одбележи верскиот празник Ѓурѓовден.

Анима Мунди обвини дека никој не превземал ништо за одржувањето на вакви примитивни настани во кој се промовира мачење и малтретирање на коњи во облик на древен спорт, повикувајќи ја Агенцијата за храна и ветеринарство да ја забрани манифестацијата.

„Иронијата во цела оваа трагична состојба во која се наоѓаат коњите во нашата држава е тоа што Агенцијата за храна и ветеринарство единствено е “гласна” на оваа тема кога треба да искористи финансиски средства од ИПА фондови за кревање на свест во однос на измачувањето на коњите во форма на билборди но по пријава за измачување на истите ги нема нигде.Дали и за спроведување на Законот за благосостојба на животните ви е потребна финансиска подршка од ЕУ?
Јавно ги повикуваме сите надлежни институции и Општината Берово да го спречат утрешниот и секој следен настан во кој се промовира мачење, матретирање на неухранети, болни и здрави животни од овој вид!“, реагираат од Анима Мунди.

Од Агенцијата за храна и ветеринаство за ММС отврдија дека официјален ветеринар на АХВ ќе присуствува на манифестацијата „Штрапаријада“ која ќе се одржи во Берово, за која уште во текот на вчерашниот ден се преземени потребните законски мерки за известување на организаторите за законските обврски кои треба да бидат испочитувани.

„Сопственикот на животното е одговорен и тој треба да ја запази благосостојбата на животното (коњите кои ќе учествуваат на манифестацијата). Животните кои учествуваат на натпреварот  треба да се во добра здравствена состојба и во добра кондиција, затоа што согласно Законот за заштита и благосостојба на животните забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност.

Од овие причини, известени се организаторите и сопствениците на коњите, да ги обезбедат сите предуслови за да биде запазена благосостојбата и здравствената состојба на животните. Препорачувано е претходно врз коњите да биде извршен клинички преглед од страна на доктор по ветеринарна медицина, со цел потврдување дека тие се во добра кондиција и во добра здравствена состојба и дека ќе можат да издржат поголем физички напор“, потврдија од АХВ.

Оттаму велат дека за време на настанот треба да биде присутен доктор по ветеринарна медицина, кој треба да го обезбеди организаторот. Коњите треба да се идентификувани со микрочип и да бидат пропратени со уредни и валидни документи (сертификат за здравствена состојба на животното издадена од официјален ветеринар).

Овој настан не е прв во Берово ниту прв во Македонија затоа што неодамна ваков настан имаше и во општина Сарај и истиот бил уредно пријавен до Агенцијата за храна и ветеринарство од страна на организацијата за заштита на животните, Анима Мунди.

Бранителите на правата на животните за овој случај се повикаа на Законот за благосостојба на животните, односно член 4 кој вели:

“Во секој можен случај и под секакви околности, секој треба да дејствува на хуман и грижлив начин кон животните; На животните треба да им се обезбеди нормално однесување имајќи го во предвид видот, старосната категорија и нивните физиолошки и етолошки потреби; Забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност”.

Видеото подолу од ланската манифестација во Берово покажува дека овој примитивен спорт не е во согласност со секој од членовите од Законот за благосостојба на животните.

Орце Костов