Авионот на Вирџин Атлантик за Њујорк бил принуден да се врати на лондонскиот аеродром Хитроу, откако копилотот признал дека не го поминал последниот тест за летање.
Авионот бил над Ирска кога на капетанот му било кажано дека првиот офицер не ја завршил обуката, пренесува Дејли Меил.
Ербасот А330, само 40 минути по летот, добил наредба да се врати на Хитроу.
Патниците слетале во САД речиси три часа подоцна од планираното, откако авионот, кој може да превезува речиси 300 патници, бил принуден да чека на пистата додека не се најде квалификувана замена.
-Авионот стигна дури и до Ирска и потоа дознаа дека копилотот се уште е на обука. Капетанот немаше друг избор освен да се врати во Хитроу и да најде поискусен член на екипажот. На сите им беше непријатно, а патниците збеснаа, изјави извор за британски Сан.
Авиокомпанијата инсистираше на тоа дека безбедноста не е загрозена и објасни дека копилотот и се придружил на Вирџин Атлантик во 2017 година.
Фото: aa.com.tr