Утре во Берово ќе се одржи „Штрапаријада“, настан во кој сопствениците на коњи со своите домашни животни ќе се натпреваруваат во влечење трупци кои тежат до неколку тони.
Ова е најавата за импровизираниот „спортски“ настан во општина Берово со кој ќе се одбележи верскиот празник Ѓурѓовден на 6 мај. Овој настан не е прв во Берово ниту прв во Македонија затоа што неодамна ваков настан имаше и во општина Сарај и истиот бил уредно пријавен до Агенцијата за храна и ветеринарство од страна на организацијата за заштита на животните, Анима Мунди.
Оттаму велат дека никој не превземал ништо за одржувањето на вакви примитивни настани во кој се промовира мачење и малтретирање на коњи.
„Иронијата во цела оваа трагична состојба во која се наоѓаат коњите во нашата држава е тоа што Агенцијата за храна и ветеринарство единствено е “гласна” на оваа тема кога треба да искористи финансиски средства од ИПА фондови за кревање на свест во однос на измачувањето на коњите во форма на билборди но по пријава за измачување на истите ги нема нигде.Дали и за спроведување на Законот за благосостојба на животните ви е потребна финансиска подршка од ЕУ?
Јавно ги повикуваме сите надлежни институции и Општината Берово да го спречат утрешниот и секој следен настан во кој се промовира мачење, матретирање на неухранети, болни и здрави животни од овој вид!“, реагираат од Анима Мунди.
Бранителите на правата на животните се повикаа на Законот за благосостојба на животните, односно член 4 кој вели:
“Во секој можен случај и под секакви околности, секој треба да дејствува на хуман и грижлив начин кон животните; На животните треба да им се обезбеди нормално однесување имајќи го во предвид видот, старосната категорија и нивните физиолошки и етолошки потреби; Забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност”.
Видеото подолу од ланската манифестација во Берово покажува дека овој примитивен спорт не е во согласност со членовите од Законот за благосостојба на животните.
О.К.
фото: принтскрин Јутјуб