Наместо да ужива во својата бременост, младата кумановка Бојана Јовановиќ ги поминувала во болница деновите во кои го одбројувала раѓањето на своето второ дете.
За да го спаси својот живот, но и животот кој го носела во себе, таа на тежок начин морала да дознае колку може да биде храбра и упорна. Бојана минатото лето дознала дека има рак на кожа, болест на која се посветува секој мај, со цел да се подигне свеста кај јавноста. По тој повод, Бојана ја раскажа својата животна приказна за Македонски медиа сервис и сподели како е да станеш кога ќе паднеш неколку пати.
„Откако сум родена имам бемка зад коленото. На почетокот на јули 2021 година кога бев бремена петти месец, видов дека лачи некоја течност и се јавив на лекар. Веднаш се упатив кај дерматолог во Куманово, но имам лошо искуство со неа. Таа кога ме прими ми рече „сега што да ти правам, ти си бремена, ти си за никаде“.
Вака Бојана Јовановиќ (29) ја почнува својата приказна за предизвиците со карциномот на кожа.
Посетата на дерматолог по воочената промена на кожата не поминала според очекуваното, откако докторката и кажала дека не знае ни дали ќе успее да се породи. Бојана се упатила кај пластичен хирург во својот град, но била упатена во Скопје каде, како што вели, „паднала“ во добри раце.
„Таму бев кај докторките Софија Пејкова и Гордана Ѓеорѓиева, тие се моите спасители. Ме примија во амбуланта веднаш бидејќи бев бремена. Тоа беше врвен професионализам, иако имаше многу протоколи“, вели Бојана.
Д-р Пејкова констатирала дека во најбрз можен рок ќе биде потребна операција, која потоа била закажана на 28-ми јули. На овој датум, Бојана и нејзиниот сопруг требало да го прослават роденденот на нивното дете, па како што додава таа, докторите се погрижиле тој роденден да не го памети по лошо. Наместо на 28-ми, ја оперирале девет дена порано.
-Д-р Софија ми рече дека тоа што е извадено ќе се испитува за да се види што е. По еден месец бев на контрола и таа самата ми соопшти дека е меланом. Јас не знаев дека е тоа толку опасно, иако пишуваше дека е трет стадиум. Ми кажа „не се секирај штом е сѐ извадено“. Бев бремена и не можев да почнам со лечење на Онкологија, ниту пак да правам дополнителни испитувања, додава Бојана.
Сепак, операцијата не значела крај на маките и болеста нашла начин и понатаму да се шири. Во меѓувреме повеќе пати се појавиле таканаречени сателитски метастази или како што опишува таа, топчиња на ногата со црна боја, а со големина на грашок.
„Имам голема лезија, па пресадена ми беше и кожа, бидејќи е големо местото каде е правена операцијата. До коска ми беше сѐ исчистено и мораше да се пресади кожа. Ми вадеа кожа од мускулот горе на ногата па го пресадија“, вели Бојана.
Во текот на бременоста се оперирала вкупно три пати, а последниот пат непосредно пред да се породи. Периодот кога се породила бил најтешкиот и најубавиот истовремено. Откако го донела на свет своето второ синче, за неговата, но и за грижата на поголемото дете биле задолжени најблиските, додека Бојана повторно се вратила во болничките лавиринти.
„Пред да се породам правев уште една операција, но не беа готови резултатите. Кога се породив тие стигнаа и пишуваше дека се метастази и тогаш си реков – готово крај. Докторката се надеваше дека тука се ќе застане, бидејќи самата бременост може да придонесе метастазите да излегуваат брзо. Во меѓувреме правев контроли на лимфни јазли и немаше ништо, но по породувањето имав зголемени лимфи на препон. Докторката кога ги виде резултатите рече дека и јазлите ќе ги извадат. Почнав да верувам дека доаѓа лошо, си реков за мене е крај. Но издржав сѐ благодарение на моите најблиски и пријателите, кои од многу биднаа малку. Благодарна сум за несебичната поддршка од сопругот и мајка ми, потоа мојата тетка и кумата кои ми ги чуваа децата“, ни раскажа Бојана.
Предизвиците не останале незабележани од поголемото синче, па тоа постојано ја прашувало мајка си зошто ја боли ногата и и ги подавало патериците за да може полесно да се движи.
„Најтешко ми беше кога ги оставив и двете деца дома. Кај првите операции во истиот ден ме пуштаа дома. На последната операција со плачење отидов во Скопје, се исплакав убаво. Докторките многу ме тешеа и ми беше полесно, но секое јавување дома ми беше тешко. Детето прашуваше кога ќе дојдам дома, кога ќе играме фудбал. Сите месеци го купувавме времето, го молевме Господ да не се шири болеста, бидејќи имаше ризик да се прекине бременоста“, додава Бојана.
Болеста ја спречува да го дои своето бебе, но и да го шета поголемото синче кога надвор е топло. Сепак, Бојана вели дека ја прифатила ситуацијата и сега функционира нормално.
„Детето немаше ни 40 дена, јас морав да го одбијам од цицање и да биде на адаптирано млеко. Сега функционирам нормално, претходно морав да имам помош. До 10 јануари не можев стабилно да одам, да ги кревам дечињата. Се трудам многу, јас сум таков тип што не сум научена да лежам, сакам да сум активна. Кога е убаво времето не можам да ги шетам, јас не можам да ги изнесам бидејќи е ризик, но поголемото синче не е дома осамено, го шетаат моите најблиски“, вели Јовановиќ.
Резултатите по последната операција, за оваа млада жена биле најголемиот кошмар.
„И плачев и мислев за децата, како тие ќе се снајдат, како ќе ги оставам нив? Дали ќе бидам тука кога Горјан ќе тргне на школо, дали ќе сум тука за првиот роденден на Небојша? Секојдневно се молам на Господ да ме чува да си ги израснам децата, само да имам здравје и ништо повеќе не ми треба“, додава таа.
За среќа, онколозите на Бојана не ѝ препишале хемотерапија, па таа сега прима само таблети како биолошка терапија.
„Нус ефекти од терапијата имам, односно имам болки, ранички низ телото. Сѐ ќе издржам за моите две деца. Мајка ми беше 24 часа дневно со мене, но и тетка ми и кумата. Тие одеа со мене на Онкологија, не сакав сама да одам, а и дечињата ги чуваа, бидејќи сопругот одеше по цел ден на работа. Имав поддршка и од мојата стрина која е во Швајцарија, не е присутна тука, но ми е голема поддршка“, ни раскажа Бојана.
Сега кога сумира сѐ што поминала изминатите месеци, таа вели дека во лошо се познава кој колку те почитува.
„Сите ме заборавија кога бев во лошо. Пред болеста за сите трчав, сакав сите да ги задоволам. За сите бев достапна, а кога мене ми требаше поддршка, дојдоа пет-шест луѓе од сто“, вели Бојана.
Таа вели дека е запрепастена колку многу пациенти со тумори сретнала на Клиниката за пластична хирургија и затоа апелира до сите да се јават на лекар ако забележат абнормална промена на своето тело.
Карциномот на кожа е во фокусот на бројни активности кои се одржуваат ширум светот секој мај, за да се подигне свеста за ваквото заболување. Целта е на овој начин да се зголеми свеста за опасноста од прекумерното изложување на сонце кога кожата не е заштитена.
Вања Мицевска