Што мисли ЕУ за случаи како за сопствеништвото на ТВ 24 ? – ММС
ММС

Објавено на: 04/29/22 2:28 PM

Што мисли ЕУ за случаи како за сопствеништвото на ТВ 24 ?

ТВ 24 по петти пат од АВМУ бара дозвола за телевизиско емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, односно за национално емитување, наместо сегашното преку кабелски оператор. Оваа телевизија има четири негативни одговори, откако претходно АВМУ четири пати нарачувала Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување. За таа намена за четирите студии, Агенцијата платила близу 19.500 евра. На седницата на Советот на АВМУ на 21 февруари, нарачана е нова ваква Студија.
Добивањето на националната апликација ќе значи делење на рекламниот колач со останатите пет телевизии, кои заедно земаат две третини од буџетите за медиско рекламирање. Оттука е веројатно упорноста на ТВ 24.
Во меѓувреме, додека се изјасни АВМУ потсетуваме на наодите и сомневањата за поврзаност, односно медиумска концентрација со фирмите на Роберт Димитров преку порано објавеното истражување „Балканска медиумска индустрија – Mакедонски ендемски вид“, објавено во април 2018 година. Ова истражување го објавуваме во повеќе делови:

А што мисли ЕУ?

Шести дел

Тогашниот еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на медиска конференција укажа дека земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, треба да го расчистат сопствеништвото врз медиумите и да спречат прекумерната медиумска концентрација.

Задачите се пред новата влада, која или ќе реагира на овие укажувања или од реформска ќе стане само уште една политичка гарнитура која ќе негува медиумски клиентилизам со заштита на политичко-бизнис брак со сопствениците на медиумите. Ова барем на збор го демантираше министерот Роберт Поповски, кому медиумите му се во ресорот,  на конференцијата каде се зборуваше за бизнис модели организирана од МИМ.

Ние во Македонија имаме некаква транспарентност на сопственоста на приватните медиуми, но таа не е до крај дефинирана. Ако се сеќавате, па дури имаше исмејување на законот, па што значи тоа семејство – татко, син… кој е сопственик. Лидери на политички партии беа лидери на медиумите. Па сега тие медиуми имаат некои фиктивни сопственици, многу чудни форми на тендер коалиции на сопственици на медиуми, државни институции итн. Тоа мора да прекине. Од тоа Македонија мора да се ослободи, но низ една нормална процедура, изјави Поповски.

Линк од видео: https://www.facebook.com/Macedonian.Institute.for.Media/videos/1579301375448190/

Македонија, освен примери на ваква концентрација, прикажана погоре, има во најмала рака, нездрава бизнис клима со сопствеништвото во медиумите. Меѓу петте национални телевизии, имаме сопственик, чиј главен бизнис е трговија со нафта, учесник на владини тендери и чувар на државните стокови резерви со нафта. Во друг случај, сопственик на телевизија има компанија регистрирана во оф шор рајот Белизе и бизнис со хотели и консалтинг, што исто така, до сега беше дел од владините тендери. Специјалното јавно обвинителство има неколку случаи каде инволвирани се компании на роднини на сопственици на медиумите и нивни уредници.

Западнобалканскиот бизнис модел е на далеку познат. Претставникот на моќната медиска групација Адриа груп, сопственик на хрватската подружница на РТЛ, Иван Ловричек, вели дека еднаш кога ќе почне приближувањето кон Европската Унија, овој тнр. бизнис модел ќе мора да биде напуштен.

-Знам дека тоа ќе биде тешко, но, за да напредувате, вие мора да го решите проблемот со огласувањето од страна на државата. Тоа ќе дојде само по себе, бидејќи како што ќе се приближувате до ЕУ, тоа ќе стане облик кој нема да биде дозволен, ќе мора да го снема. Ќе мора да излезете на пазар, што веројатно нема да биде лесно за сите, изјави Ловричек.

https://www.facebook.com/Macedonian.Institute.for.Media/videos/1579301375448190/

Колку таа пресметка со старите модели на политичко – бизнис клиентелизам во медиумите ќе биде дозволена, ќе зависи од потезите на новата влада. Засега, се чини, тоа се бледи потези кои не гарантираат дека нема да ни се случи некоја нова „Фабрика“.

Правна разрешница

ТВ 24 ВЕСТИ чија си?

На 28.11.2017 година, до Советот на ААВМУ и директорот Зоран Трајчевски е поднесено  барање за одземање на дозволата на ТВ 24 ВЕСТИ и на ТРД Енџелс ФМ од Штип. Подносителот бара да се применат членовите 35 и 39 од Законот за ААВМУ, каде стои дека (чл.35) странско физичко или правно лице може да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон, но доколку не е можно да се утврди потеклото на основачкиот капитал, не може да врши радиодифузна дејност, согласно со овој закон ниту да се стекне со удел во сопственост на радиодифузер.

Согласно чл.39 основач на Трговско радиодифузно друштво не може да биде физичко или правно лице кое истовремено е оператор на електронски комуникациски мрежи. Сопственикот на ТВ 24 ВЕСТИ, австриската компанија Кејбл 24 е сопственик на компанија која се припоила кон кабелската телевизија Роби ДООЕЛ.

За директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски се бара покренување на кривична  одговорност за злоупотреба на службената должност и овластување, бидејќи не презел активности  за утврдување на вистинската состојба на сопственоста и неговата шифра на дејност, која е транспарентна преку Основниот суд во Линц, Австрија.

Во барањето за одземањето на дозволата на ТРД Енџелс од Штип стои дека  Енџелс ФМ ДООЕЛ Штип, е со седиште на ул. Ванчо Прќе бр.88 Штип ( кое се води на иста адреса и управна зграда Роби Штип), е основано од лицето Иле Митов од Штип,  кој е истовремено и управител.

Согласно чл.36 од Законот за ААВМУ во делот за поврзани лица, при што управителот Иле Митов е вонбрачен другар на Жанжанина Стојанова, која е сестра на Роберт Димитров, основач на Роби, оператор на јавна телекомуникациска мрежа. Оваа состојба е од денот на преземањето на Радио Черења, сегашно Енџелс ФМ од 2010 година.

Во барањето се потсетува дека директорот и одговорното лице на ААВМУ, немаат преземено мерки во изминатите години за транспарентност на медиумската сопственост и медиумската концентрација, со што го  прекршуваат законот за ААВМУ.

 

Истражувачки тим на Канал 77