Не очекувајте да бидам англиска кралица или марионета, вели Неделков по вчерашниот протест на дел од членството – ММС
ММС

Објавено на: 04/29/22 2:23 PM

Не очекувајте да бидам англиска кралица или марионета, вели Неделков по вчерашниот протест на дел од членството

Одлуката за ставање на штрајкот во мирување е производ на законска обврска којашто мораме да ја испочитуваме – изјави денеска претседателот на СОНК Јаким Неделков, откако вчера дел од членовите искажаа револт од ваквата одлука.

Тој рече дека собирот кој вчера го организираа незадоволните просветни работници, е беспредметно и тоа нема да го поколеба да гради партнерски однос.

„Беспредметно е нивното укажување. Добро е што имаме различни мислења, но вакви неидентификувани собирања каде не знаеме кој е  организаторот, не води кон ништо. Тоа е обид за ослабување на позициите на СОНК и разбивање на единството. Ова таканареченото спонтано собирање не личи на просветни работници. Нема тоа да ме поколеба да градам партнерски однос, се бориме да им ги спасиме дневниците“, додаде Неделков. Правниот тим на СОНК,  го замоли членството да не потпаѓа под спинови и дезинформации. Адвокатите на СОНК на денешната прес конференција објаснија дека штрајкот не е прекинат, туку е само ставен во мирување за времетраење од 10 дена, рок кој е предвиден во постапката за мирно решавање на колективниот спорт.

-Од страна на МТСП е доставено известување до СОНК со кое е назначен помирувач. Иако законот предвидува доброволно пристапување кон мирување, истиот напоменува дека во случај на штрајк или спор во дејностите од општ интерес, страните се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на спор. Дејностите од општ интерес вклучително се образованието и заштитата на децата, а наведено е и дека за време на траењето на постапката за мирно решавање на спорот штрајкот е во мирување – изјавија адвокатите.

Според нив, согласно законот, МТСП има назначено арбитер кој е должен веднаш да почне со постапката за мирување, а СОНК во конкретниот случај е должен да постапи и постапува согласно законот.

Неделков пак, информираше дека првата средба со назначениот медијатор е веќе закажана за денеска и ќе се одржи во МОН.

„Јас нема да бидам во тимот за преговори. Веројатно денеска ќе се дадат насока како да се работи. Од вторник верувам дека интензивно ќе се работи“, најави Неделков.

Во однос на вчерашните реакции за одлуката штрајкот да се стави во мирување, тој рече дека таа е поткрепена со законски акт.

„Жално е што наједуцираните луѓе во државата дозволуваат да бидат неинформирани или изманипулирани. Полегитимно е нивните барања, права, да ги побараат во рамките на институцијата, а не да вршат притисок врз раководството. Апелирам на разумност. Веројатно се очекува претседателот на СОНК да биде англиска кралица или само фигура која ќе работи на далечинско, или ќе изиграва марионета. Против анархија сум и вакви случувања не личат на просветни работници.“, порача Неделков.

Прашан дали некој ќе сноси одговорност за изгубената настава, тој смета дека одговорот треба да се побара од МОН, бидејќи во нивна надлежност е организирањето на наставата. Неделков нема информација дали учебната година ќе продолжи и после 10-ти јуни, рече дека со МОН се уште се разговара на оваа тема и се очекува експертите во областа да направат проекција и план.

 

(В. Ми)