Влакната се неопходен дел од исхраната и придонесуваат за подобро здравје. Луѓето кои не јадат доволно храна која е богата со влакна, неретко имаат проблеми поради тоа. Диететичарката, Кристи Рут откри колку влакна во просек би требало една возрасна личност да внесува секој ден.
„Жените треба да конзумираат 21 до 25 грама влакна дневно, додека за мажите се предлага да конзумираат 30 до 38 грама дневно“, вели таа.
Сепак, и со влакната може да се претера, а и тоа води кон лоши последици.
Констипација
Ова можеби звучи изненадувачки, но ако јадеме премногу влакна, тоа може да доведе до констипација. Тоа е во спротивност со она што многу луѓе го очекуваат бидејќи констипацијата вообичаено се случува кога луѓето конзумираат премалку влакна.
„Многу луѓе се сосредоточуваат на зголемување на внесот на влакна преку исхраната за да го намалат холестеролот или за да го контролираат шеќерот во крвта“, вели Рут.
„Не се свесни дека зголемениот внес на растворливи влакна всушност може да доведе до констипација, особено во случај кога не се пие доволно вода“, додава таа.
Може да се предизвика и дијареа
Иако храната богата со влакна помага за често празнење на цревата, премногу влакна може да доведат до дијареа. Според диететичарите, не се работи само за количината, туку и за видот на влакната кои се внесуваат.
„Интересно е што ако пребрзо го зголемите внесот на влакна може да добиете дијареа. Тоа е така затоа што влакната имаат лаксативно влијание. Обидете се да постигнете добра рамнотежа меѓу растворливи и нерастворливи влакна“, додава Рут.
Може да предизвика надуеност или гасови
Премногу влакна, исто така, може брзо да ви го уништат денот предизвикувајќи екстремни стомачни непријатности.
„Премногу влакна може да доведе до надуеност или гасови, особено кога премногу брзо јадете премногу влакна“, вели диететичарката Паулина Ли. „Нормално е нашите цревни бактерии да произведуваат гас како нуспроизвод додека ја варат храната и влакната што ги консумираме, но кога гасовите и надуеноста ќе станат непријатни, можеби ќе треба да внимавате на количината на влакна што ги консумирате“, предупредува таа.
Извор: index.hr