Груевски: СОНК треба да обезбеди синдикален фонд во случај на скратување на дневниците – ММС
ММС

Објавено на: 04/29/22 10:32 AM

Груевски: СОНК треба да обезбеди синдикален фонд во случај на скратување на дневниците

Во случај да се оствари најавата на централната власт и не им ги исплатат дневниците на наставниците за деновите од штрајк, синдикатот треба да има обезбедено солидарен фонд и да им ја надомести штетата на членовите. Ова е објаснувањето од Пеце Груевски, поранешниот лидер на УПОЗ, кој во својата синдикална кариера имаше повеќе големи штрајкови.

Како што објасни,  има пропусти во Законот за работи односи, на кои сега може да се повика Владата и да им ускрати дел од платата на наставниците.

-Ако се штрајкува 60 дена, може ли да се напише во законот пола плата да исплати организаторот – пола Владата? Не може законот да му се стави обврска на синдикатот. Тоа е пропуст е во законот, направен во време кога се донесуваше, а ние синдикатите не реагиравме. Во 2015 кога штрајкуваа вработените во правосудството, Судскиот буџетски совет ги казни штрајкувачите. Законот за административни службеници во случај на штрајк предвидува исплата на 60 отсто од платата и минимални придонеси. Со тоа беше закинато 40 отсто од платата на штрајкувачите. Ние дадовме по една плата од Солидарниот фонд. Таков фонд постои во синдикатите и СОНК има таков фонд. Тие треба да одлучат. Во 2016 ние дадовме по 50 евра на членовите кои штрајкуваа, што после успеавме да им ги вратиме, кога ги добивме од Владата, кажа Груевски.

Како што објасни поранешниот синдикален лидер, Владата незаконски ги скратила парите, бидејќи ја прекршила процедурата и не издала поединечно решение на штрајкувачите во рок од 7 дена, како што налага законот. Со тоа, штрајкувачите биле неправедно казнети.

Засега нема најава како ќе бидат платени штрајкувачите од СОНК за деновите кога не работеа. И синдикатот и Владата дадоа дијаметрално различни толкувања, префрлувајќи ја одговорноста еден кај друг.