Вархеи од Тирана: Нема план Б – за двете земји треба да се донесе решение во јуни – ММС
ММС

Објавено на: 04/28/22 4:19 PM

Вархеи од Тирана: Нема план Б – за двете земји треба да се донесе решение во јуни

Ќе доаѓам за Софија и Скопје секој ден ако треба, ама прашањето мора да се реши и мора да биде тоа веднаш. Не е прашањето дали треба да се раздвои Албанија од Северна Македонија, туку членството – како двете земји да бидат членки на ЕУ. На ова работиме. Засега итно прашање е членството. Вака еврокомесарот Оливер Вархеи одговори на прашање на албански новинар на прес конференцијата во Тирана.

-Се сеќавате на мојата прва посета на Албанија, кога работевме многу напорно за двете земји за формалната одлука за членство. Тогаш ме бомбардиравме со прашања: Не е кредибилно да се раздели Македонија од Албанија. Сега е истото прашање, ама обратно. Не, ние треба да се фокусираме на тоа да постигнеме договор во јуни за двете земји. Нема план Б, ако сме сериозни , ќе ја донесеме одлуката. Јас сум многу убеден дека сите така размислуваат за оваа тема, изјави Вархеи.

Еврокомесарот Оливер Вархеи ја заобиколи јавноста  и во Скопје. Не даде ниту изјава ни одржа прес конференција. Но, затоа денеска од Тирана заедно со албанскиот премиер Еди Рама, одговараше на прашањата на албанските новинари. Не можете да бидете со Европската Унија во војната во Украина, а да не сте во Европа, беше дециден Вархеи.

Вархеи потврди дека позицијата на ЕУ во најмала рака е компромитирана со држењето на Македонија и Албанија пред вратите на ЕУ.

-Не е Албанија таа која се става во смешна положба – ние сме смешни ако не постапиме поинаку. Но, ќе нагласам дека улогата на Европската комисија е да ги промовира достигнувањата на секоја земја, сепак одлуката не е на нас, туку на земјите членки. Затоа сум во овие посети во регионот во многу тешка турнеја, со цела да ги усогласиме земјите. Најмалку што можам да потврдам дека кредибилтетот на ЕУ е компромитиран со оваа сага и затоа мора одлуката да ја донесеме сега и веднаш, рече Вархеи.

Според еврокомесарот, целиот процес на проширување е за стабилноста на ЕУ и стабилноста на Западен Балкан, и во тој процес, не суштината само да се види регионот стабилен,  туку да се воспостави долготрајна стабилност.

-Нема време за никој кој е вклучен во процесот. Сите знаеме што треба да се направи. Ја цениме трпеливоста на Албанија, бараме уште малку да биде трпелива, бидејќи ова треба да се реши за време на Француското претседателство. Реалното прашање е за членството и ние мора да почнеме да работиме на членството и вистинското интегрирање на терен. Во прашање не е самиот процесот, туку како да ја смениме реалноста на терен – економско- социјалната реалност и како Албанија да се интегрира во Европа ефективно. Ова е заеднички напор. Ќе доаѓам за Софија и Скопје секој ден ако треба, прашањето мора да се реши и мора да биде тоа веднаш, рече Вархеи.

Премиерот Еди Рама зборуваше во поинаков тон, откако јавно соопшти дека се размислува за одвојување на Албанија од Македонија по повтореното вето од Бугарија.

-Одлучни сме, на пат сме и заедно треба да го завршиме патот за да дојдеме до решение. Бидејќи Отворен Балкан беше направен да биде инклузивен не екслузивен, рече Рама.

Албанскиот премиер посака во заедничкото друштво на иницијативата Отворен Балкан да бидат трите албански земји, како што рече вклучително и Црна Гора, за која се надева дека македонскиот министер за надворешни работи за Самитот во Охрид на 8/9 јуни ќе ја покани и Црна Гора.