Најавуваните примени со воведување на различни тарифи за домаќинствата во зависност од потрошувачката на електрична енергија, се воведуваат од 1 јули. Ова денеска од собраниската говорница го најави премиерот Димитар Ковачевски, објаснувајќи ги мерките за намалување на последиците од енергетската криза.
-Се работат калкулациите за воведување на нова Методологија за утврдување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, кои се на регулираниот пазар на електрична енергија, што се менува од 1 јули, со тоа што ефектите ќе бидат дополнително утврдени, најави Ковачевски.
Премиерот сепак не објасни до колку киловати ќе значи плаќање по пониската тарифа, туку дека со оваа Методологија се оневозможува злоупотреба на електричната енергија.
-Оние кои ги злоупотребиле броилата за домаќинствата за вршење некакви активности или злоупотреба на електричната енергија на пример, за копање на криптовалути, бидејќи ќе плаќаат повисока цена согласно потрошувачката и со тоа нема таа енергија што ја добиваат да може да биде субвенционирана од државата или да биде дел од пресметката од цената што ја плаќаат сите граѓани, кажа Ковачевски.
Во делот на Програмата за енергетска сиромаштија, Ковачевски кажа дека граѓаните со ниски примања продолжуваат да добиваат меѓу 600 и 800 денари месечно за покривање на трошоците за електрична енергија. Пензионерите, пак, ќе добијат ново зголемување на пензиите во септември.