Додека населението се заштитуваше од ковид, опфатот со редовните вакцини падна под оптималното ниво, алармира министерот Сали – ММС
ММС

Објавено на: 04/28/22 10:30 AM

Додека населението се заштитуваше од ковид, опфатот со редовните вакцини падна под оптималното ниво, алармира министерот Сали

Европската недела на имунизација, што секоја година традиционално се одбележува од 24 до 30 април, е поволен момент да размислиме за важноста на вакцинацијата, како еден од темелите на функционален јавно здравствен систем – истакнуваат од Министерството за здравство денеска во писмено соопштение.

Според министерот на здравство Беким Сали, нема сомнеж дека имунизацијата придонесува за здраво население.

„Додека работевме на заштита на нашето население од КОВИД-19, опфатот со редовните вакцини падна под оптималното ниво. Нашата тенденција е да го постигнеме препорачаниот опфат од 95 проценти, за таа цел во соработка со здравствените домови почнуваме со засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација. Треба да се искористи секоја можност за вакцинирање на децата и возрасните, согласно Календарот за редовна имунизација“, потенцира тој.

-Пандемијата на КОВИД-19 погоди многу земји ширум светот, а последици се почувствуваа, меѓу другото и во областа на имунизацијата. Во Северна Македонија, СЗО и УНИЦЕФ соработуваа со здравствените власти на државата и партнерите на спроведување вакцинација против КОВИД-19 во сите делови од државата и за сите групи од населението. До денес, 46,5 отсто од граѓаните на Северна Македонија имаат примено две дози вакцини против КОВИД-19, а само 8,4 отсто имаат примено и трета доза – информираат од Министерството.

Оттаму сметаат дека вакцините се од огромна важност во нашата историја, а особено во последните години заради пандемијата.

-Тие нè штитат како поединци и ни помагаат да се заштитиме едни со други како припадници на глобалната заедница. Европската недела на имунизација, годинава, се одбележува под мотото „Долг живот за сите”, има за цел да истакне колку е важен правичниот и поширок пристап до вакцини, со што ќе се придонесе кон долг и здрав живот за секого, вели д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.

Иако услугите за рутинска имунизација беа достапни за време на пандемијата КОВИД-19, имаше одредени проблеми што придонесоа за намалени стапки кај редовните вакцини за деца во текот на 2020 година. Просечните вредности на национално ниво во 2021 година покажуваат одредени подобрувања во споредба со 2020 година, но процентите од 70,4 опфат со вакцинација на национално ниво за мали сипаници, рубеола и заушки (МРП1) за децата на возраст од 12 месеци и 80,4 (МРП2) ревакцинација се сè уште далеку од посакуваната бројка од 95 отсто која е потребна за стекнување колективен имунитет. За заштита на децата и спречување епидемии, од суштинска важност е да му се обезбеди на секое дете, кое испуштило некоја предвидена вакцинација лесен пристап до истата за да може да ги прими потребните дози, посочуваат од Министерството.

-Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, денешните родители имаа среќа да пораснат без да видат како членови на семејството или пријатели умираат или страдаат од доживотен инвалидитет од болести како мали сипаници или детска парализа. Иронично, ова е една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини повеќе не се закана. Апелираме до родителите и негувателите: Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја обезбедиле вашите родители во минатото – изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Вакцинацијата е клучен приоритет и придобивка за јавното здравје. Со континуирана промоција и едукација се опфатени здравствените работници и родителите, со цел и во иднина да расте опфатот со сите вакцини. Да не дозволиме да се наруши долгогодишната традиција на успешна вакцинација и да не ризикуваме појава на заразни болести и епидемии во државата, истакнуваат од Министерството за здравство.