„Ова е срам за театарот и за земјата“ – Семејството на Сабина Тозија нема да присуствува на место комеморација во Драмски – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/22 11:09 PM

„Ова е срам за театарот и за земјата“ – Семејството на Сабина Тозија нема да присуствува на место комеморација во Драмски

Вардан Тозија, син на легендарната актерка Сабина Ајрула Тозија на Фејсбук објави дека нема да учествува во Драмски на настанот место комеморација на кој театарот ќе се спомене за починатите членови, актерката Мајда Тушар, основачот и првиот директор Ристо Стефановски и актерката Видосава Грубач.
Тој во кусата објава на својот профил напиша:
-Нема да присуствувам на утрешната комеморација организирана од Драмски театар за заминувањето на мојата мајка, Сабина Тозија. Сметам дека групниот и паушален начин на кој се испраќаат Сабина и неколкуте големци на овој театар, е недостоинствен за овие луѓе кои го посветиле животот на Драмски, а воедно е навредлив за мене и моето семејство. Мислам дека, како личност која поминала најголем дел од животот во оваа институција и оставила силен печат во македонскиот театар и кинематографија, таа заслужува нешто повеќе од хипи-смотра на денот на театарот, низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“, напиша тој и додаде:
-До неодамна постоеше правило како се испраќа колега, пријател, актер. Очигледно, тие вредности кај некои кои раководат со театарот не значат многу. Сигурен сум дека таа на ист начин би ги бранела овие актерски, и пред се’, човечки начела кога би станало збор за нејзин соработник.
Ова збогување со луѓе кои го оставиле својот живот за афирмација на театарот и својата земја, е воедно срам за театарот, и срам за оваа земја. Комеморација за Сабина Тозија ќе има во блиска иднина. Таа ќе биде изведена на поинаков начин, за жал, во рамки на друга институција, напиша синот на Ајрула, Вардан.