Целосен мрак ќе ве пречека во скопската Општина Карпош ако се движите таму во вечерните часови.
Уличните светилки ноќе се исклучени, за разлика од текот на денот кога дел од нив се вклучени. Граѓаните се жалат за ваквата небулоза и велат дека „прст пред око не се гледа“, што го прави нивното движење небезбедно. Гасењето на уличното осветлување е ризично како за пешаците, така и за возачите – коментираат карпошани, иако надлежните велат дека уличното осветлување мора да е исклучено поради поскапувањето на струјата.
Жителите на Карпош плаќаат за услуга која не ја добиваат, но според локалната самоуправа ако не биле воведени ваквите рестрикции, ќе требало да се зголеми цената за уличното осветлување, што би паднало на грбот на граѓаните.
-За да не се оптовари дополнително буџетот на граѓаните, одлучено е да се преземат мерки за штедење – велат од Одделението за односи со јавноста на општина Карпош, додавајќи дека градоначалникот Стевчо Јакимовски е подготвен и да распише референдум за да може конечната одлука за премостување на проблемот да ја донесат граѓаните.
„Набавивме 173 тајмери кои после 1 часот по полноќ го гасат светлото од причини што сметките за електрична енергија се три и пол пати поголеми во однос на оние што сме ги имале претходните години во исто време, односно во 2021 и во 2020 година за улично осветлување сме потрошиле 13 милиони денари за цела година и такви историски трошоци биле предвидени за 2022 година. Но за жал, само во првите три месеци годинава сме потрошиле 13 милиони денари за електрична енергија. Сметките кои биле 2 милиони денари сега се 7 милиони денари. Тоа се пет милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра“, наведува Јакимовски во писменото обраќање до јавноста.
Тој вели дека има на располагање две можности:
„Првата можност е да штедиме, а втората можност е да ја покачиме цената за улично осветлување. Тоа значи ако вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така- сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми. Во овој момент со ова исклучување од 1 часот по полноќ до 5 часот изутрина ние штедиме само 30 проценти од сметката. Тоа значи на тие 7 милиони денари, заштедуваме 2 милиони денари. Тоа значи дека и вака треба дополнително да издвојуваме 50 илјади евра од буџетот на општината“, вели Јакимовски.
Она што за Општината е заштеда, за жителите на Карпош е наршување на безбедноста. Иако надлежните тврдат дека уличните светилки се гасат по еден часот по полноќ, во изминатите две недели е забележано нивно гасење и околу 22 часот.
Дел од граѓаните велат дека ноќе низ својата општина се движат како во хорор филм и стравуваат дека се можни напади на девојчиња.
„Секоја година плаќаме даноци, па плаќаме и за улично осветлување. Дали е ова нормално, дали е нормално во 21-от век да биде во мрак една урбана средина“, прашува жителка на Карпош на социјалните мрежи.
Уличните светилки во Карпош дење вклучени, ноќе исклучени
Во меѓувреме, веќе се шират и повици за организирање протест, но и за поднесување граѓанска тужба поради скратување на граѓанското право на улично осветлување.
Од Општината не одговорија на прашањата на ММС до кога планираат да траат ваквите рестрикции и зошто дел од уличните светилки светат дење, наместо навечер. Сепак, оттаму во денешното писмено соопштение ги замолуваат граѓани за разбирање, бидејќи како што велат, ова е вонредна ситуација.
Немаме опција да скратиме други трошоци, затоа што во општината се штеди максимално за да ги вратиме долговите и во наредната година да можеме да обезбедиме околу 5 милиони евра за сите потреби на граѓаните на општина Карпош, а тоа се за фасади, за кровови, за лифтови, за реконструкција на улици, за инвестирање во делот на енергетиката, односно да инсталираме 1 мегават фотоволтаици со кои што ќе ја компензираме оваа цена на електрична енергија – додаваат од Општината.
(В. Ми)
Фото: Facebook / Заедно за заштита на зеленилото во Карпош