Путин сака сладолед, Де Гол грашок, Саркози чоколадо, Буш мразел брокула… Кои се омилените јадења на светските лидери – ММС
ММС

Објавено на: 06/6/22 8:00 PM

Путин сака сладолед, Де Гол грашок, Саркози чоколадо, Буш мразел брокула… Кои се омилените јадења на светските лидери

Човечките навики во исхраната може да покажат склоност кон луксуз, екстраваганција или пак, обратно – едноставност, приземност и скромност.

Некои пак, одат и до крајности, пишува египетскиот портал „Нунпост“ (NoonPost).

Ова важи и за лидерите на државите ширум светот. Интересот за проучување на исхраната низ историјата, може да даде јасна претстава за развојот на цивилизацијата во општествена и културна смисла, за вкусовите на кралевите, царевите и султаните и промените, при што јавните гозби станаа достапни за поширок круг луѓе кои сепак, како елита, почитуваат хигиена, бонтон и протоколи. Покрај тоа, лидерите станаа повнимателни од кога било, поради стравот од труење или болести. Оброците на современите шефови на држави понекогаш се и строго тајни од причини околу личната, но и националната и светската безбедност и мир.

Меѓутоа, велат – ниедна тајна не е вечна…

Од говедска глава, којашто ја претпочитал Жак Ширак, до омилениот сладолед од ф’стаци на Владимир Путин – сѐ тоа останува исклучително чувствителна тема во круговите на моќ. Така, прашан за Ангела Меркел и нејзините омилени јадења, готвачот на канцеларката во една прилика одговорил:

– Не можам да ви кажам што таа претпочита – инаку овие јадења би се готвеле насекаде низ светот.

Pознато е дека, наводно сака печива, како и супа од компири и зелка.

Жил Брагар, претседател и основач на Францускиот клуб на готвачи, го коментираше прашањето околу француските лидери.

– Храната е многу чувствително прашање за власта. Францускиот претседател Шарл де Гол претпочитал грашок, што зборува за строгата природа на воениот водач, кој не поминувал многу време на масата. Што се однесува до Франсоа Митеран, неговите навики во исхраната се измешани. Социјалистичкиот претседател сакал кавијар – буржоаски деликатес што беше во спротивност со идеологијата што тој јавно ја промовирал, раскажува Брагар.

Жак Ширак бил познат како гостопримлив домаќин кој на гостите им ги нуди омилените јадења. Сакал азиска кујна и нетрадиционални јадења, како говедска глава. Французите знаат и дека поранешниот претседател Франсоа Оланд не сакал артичока и аспарагус.

И за поранешниот претседател Никола Саркози, Бернард Вакон, кој ја води кујната во Елисејската палата речиси 40 години, вели дека тој мразел артичока, но сакал чоколадо.

– …Беше познат и по тоа што не сака вино и сирење, а беше зависен од чоколадо. Саркози претпочиташе и обични салати, бело месо и секако – тестенините на неговата италијанска сопруга Карла Бруни, истакнува Вакон.

Американските претседатели…

Во 1990 година, републиканецот Џорџ Буш го забрани консумирањето брокула за време на ручек во Белата куќа, како и во просториите на Воздухопловните сили, па остана запаметен по неговата „славна“ изјава:

„Не сакам брокула, никогаш не ми се допаѓал овој зеленчук. Како мал, мајка ми ме хранеше со тоа. Сега сум претседател на САД и веќе нема да јадам брокула!”

Тоа пак, следствено ги поттикна земјоделците да испратат 10 тони зелјест зеленчук во Белата куќа во знак на протест.

За разлика од Мишел Обама, која е поборничка против дебелината и за овошје, зеленчук и здрава исхрана, Барак Обама беше редовен посетител на рестораните за брза храна и е познат како љубител на мексиканското чили.

Русија

Рускиот претседател Владимир Путин е познат по стравот од труење, па наводно, најмил човек со полно работно време, за да ги пробува јадењата приготвени за него. Со својата склоност кон сладолед од ф’стаци, инаку, и лете, и зиме во Русија, наводно, Путин останува „конзервативно доследен“ кон оваа слатка закуска.

Британската кралица Елизабета Втора

Фото:kurir.rs

Кралицата го започнува денот со шолја зелен чај од нејзиниот омилен бренд – англиска компанија „Твинингс“ – со овошје, а понекогаш и омлет со чаден лосос. За ручек таа претпочита вино „Дубоне“, риба со спанаќ и тиквички или пилешко на скара, а избегнува јаглехидрати. Вечерата на британската кралица се состои само од месо и зеленчук.

Германскиот фирер и други тоталитарни и „спорни“ водачи…

На изненадување на многумина, можеби, Адолф Хитлер не јадел месо и бил речиси вегетаријанец. Последниот оброк на Хитлер беше точен показател за тоа. На 30 април 1945, 25-годишна девојка пристигнала во бункерот на Хитлер, каде што добила задача да приготви изматени јајца со пире од компири.

Како што раскажуваат Викторија Кларк и Мелиса Скот во нивната книга „Вечерата на диктаторите“, Хитлер бил повеќе пријателски настроен кон животните отколку кон луѓето, но тој не бил посветен вегетаријанец, оти понекогаш сакал „живинско месо од Хамбург“ – месо одгулаби, полнето со џигер, јазик, и ф’стаци.

За кубанскиот лидер Фидел Кастро, неговиот пријател, колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркез го опишува како „неуморен рибар кој бара нови рецепти и готви со труд, љубов и посветеност на научник“. Тој бил познат по неговата страст за книги за готвење, собирањето рецепти и готвењето за неговите најблиски да ги вкусат вкусните јадења. Според блиските, тој сакал да готви тестенини.

Садам Хусеин го водеше Ирак меѓу 1979. и 2003 година. Тој претпочитал свежо, не многу мрсно месо, како и свежи ракчиња и маслинки од Голанската Висорамнина, а омиленото јадење му бил месопотамскиот тн. масгуф, но сакал и свежа риба, чорба од бамја, супа од леќа…

Поранешниот либиски претседател Моамер Гадафи е познат по неговата љубов кон млекото од камила. Иако страдал од стомачни болки, не престанал да го пие. Неговата љубов кон пијалакот била толку силна што секогаш настојувал и гостите да го пробаат тоа.

Лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ил (1994-2011) е познат по својата слабост кон супата од перки од ајкула и кучешко месо… А, неговиот ориз го правеле група жени, кои избирале зрна ориз со ист облик, боја и должина и ги готвеле на оган од дрвја исечени од планински врв во близина на границата со Кина.

Тој сакал и суши и свежа риба што се јаде додека е жива. Додека неговата храна се одгледуваше само за него, велат, многу од Севернокорејците гладуваа.

Јосиф Сталин – вториот лидер на СССР, е познат по својата моќ и суровост, преоразбата на земјоделската земја во индустриско општество и победата над силите на Оската во Втората светска војна. Меѓу неговите омилени јадења биле традиционалниот десерт од јаткасти плодови и карамела натопени со мед, од неговата родна Грузија. Свечените гозби на Сталин често траеле и до шест часа, па на трпезата имало и други грузиски јадења и намирници – ореви, лук, праски и калинки.

Бенито Мусолини

Бенито Мусолини е еден од основачите на фашистичкото движење во Италија, а неговата омраза кон Франција одела и подалеку од политиката. Тој еднаш рекол: „Француската кујна е бескорисна, а италијанската кујна е најдобра на светот“.

Тој претпочитал да јаде дома со сопругата Ракел и неговите деца и сакал сите членови на семејството да бидат на масата кога тој ќе се врати дома. Омиленото негово јадење било едноставна салата со мелен лук, путер и лимон. Очигледно неговата исхрана подоцна се променила, оти во 1945 година, му било дијагностициран зголемен црн дроб, висок шеќер во крвта и болест на дебелото црево. Според некои наводи, тој сакал да проба и пилешко, но и зајачко месо во својата исхрана.

МИА