Поминат е рокот за полагање на првиот дел од матурскиот испит за презентирање на проектната задача што се полага во училиштата. Вкупно 1598 ученици се’ уште немаат полагано, а поради генералниот штрајк во образованието, немаат закажано термини за одбрана на проектната задача што требаше да биде завршено до 21 април. Државниот испитен центар што ја спроведува матурата, упатил барање до Министерството за образование и наука (МОН) да направи измена на календарот за полагање на матура, во делот на проектната задача. Барањето е да се продолжи рокот за проектната задача за онолку денови колку што трае штрајкот. Меѓутоа, како што соопштија од ДИЦ, промената не може да се направи се’ додека наставниците се во штрајк.
-Без промена на Календарот, не може да се полага, бидејќи терминот е поминат, но евентуалната негова промена, може да се случи дури по прекинот на штрајкот, соопштуваат од ДИЦ.
Вкупно 15.899 ученици се пријавиле да полагаат матура. На 4 јуни се полага мајчин јазик, додека на 13 јуни е полагањето на изборниот предмет. Дали ќе има промена на утврдените термини, од оваа дистанца со неизвесно продолжение на наставата, од ДИЦ велат дека тешко е да се каже.
Времето одминува, матурантите се на настава до 20 мај. Во функција на подготовка на матурските испити, наставниците имаат обврска да организираат подготвителни часови. Но, повторно, во услови на штрајк, подготовките не можат да се одржат, што и да продолжи наставата, ќе значи скратување на периодот за подготовка.
Доколку продолжи штрајкот, извесно е дека промени во термините за матура ќе мора да има. Покрај учениците, и наставниците, тие што ги спроведуваат матурските испити ќе треба да се подготват. Се работи за 32.000 тестови што треба да ги прегледаат секој одделно по тројца испитувачи, што е обемна работа. Резултатите до училиштата треба да бидат доставени на почетокот на јули.
Друго прашање е дали ќе се совлада целата материја и што со прашањата, кои засега остануваат ненаучени поради прекин на наставата. Дали и тестовите, кои веќе се подготвени ќе треба да се менуваат:
За сите овие отворени прашања што и да се одлучува, ќе мора да се почека одлуката на штрајкувачите и нивното враќање на наставата.