На петгодишнината од упадот во Собранието, закажани протести пред затворите во Штип и Прилеп – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/22 11:05 AM

На петгодишнината од упадот во Собранието, закажани протести пред затворите во Штип и Прилеп

За денеска напладне пред затворот во Прилеп и попладне во 16 часот пред затворот во Штип, закажани се два протести како поддршка на осудените за настаните од 27 април и упадот во Собранието. Двата протести се во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“, а се очекува да се обратат претседателот на овој институт, Александар Пандов и Мане Јаковлевски, Претседател на Унија на ветерани на ВМРО ДПМНЕ.

Пред протестот во Штип, според управата на затворот, засилено е присуството на затворските стражари внатре во објектот, каде десет осуденици за упадот издржуваат затворска казна.

Идентичен протест беше одржан лани на 21 март, како што беше најавено во поддршка на уставобранителите. Организатор на протестот беше Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“, а пред насобраните зборуваше претседателот Александар Пандов, кој побара  слобода за осудените за упадот во Собранието.

По настаните од 27 април 2017 година во македонското Собрание, кога полицијата не успеа да го спречи упадот на насобраните демонстранти, на 22 август 2018 година започна судскиот процес, првично против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“. Осудени беа 16 лица, кои по жалбата добија вкупно 188 години затвор.  Највисока казна му беше изречена на тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, кому Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор.