Вчера после два ипол часовен разговор односно дијалог со претставниците на СОНК беше договорено денеска претседателот и одборот на СОНК да ги известат членовите дека е постигнат договор со Владата, изјави претпладнево министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Таа потсети дека е постигнат договор за 12 проценти покачување на платите после ребалансот.
„Се разговараше и за к-15, кој ќе се исплаќа во 2023 година и ќе биде дел од колективниот договор, како и за нова методологија која ќе биде дел од општиот колективен договор, а понатаму ќе се пресликува во гранските колективни договори, што значи постојан раст на платите во образованието и детската заштита“, изјави Тренчевска.
„Се надевам дека сите оние кои штрајкуваат ќе се вратат на своите работни места. Од утре ќе почнат да функционираат градинките и училиштата, учениците ќе се вратат во училиште, децата во градинките, а родителите ќе се вратат на своите работни. Со штрајкот и тие мораа да земат годишен одмор, да се снајдат, бидејќи немаше кој да им ги згрижи децата“,додаде министерката.
Конечната одлука во врска со штрајкот на СОНК треба да се знае денеска, по консултациите на синдикалното раководство со членството.