Последните две недели покажаа дека ниту една мерка не може да застане на патот на поскапувањата, ниту дисторзиите на пазарот предизвикани од недозволеното монополско однесување на дел од маркетите. Илустративно е кај маслото за јадење – во маркетите каде шише зејтин се движи околу две евра, го нема на полиците, додека во маркетите каде е околу 2,5 евра, производот е достапен за купувачите. Ваквото синхронизирано поскапување, на артикли кои не се поврзани со синџири на снабдување, ниту со инфлаторни притисоци, единствено може да се толкува како синхронизирано, премолчано, монополизирање на цените, на грбот на граѓаните.
Според анализата на Ценометар, поскапеа многу производи во маркетите, а со оглед дека ова поскапување е систематско, оценката е дека не станува збор за инфлација, туку за координирана акција на поскапување на многу производи, под изговор на инфлацијата или нарушените синџири на снабдување.
Што е индикативно, многу маркети, за многу производи имаат исти покачени цени, дури без ниту еден денар разлика, што упатува кон монополско здружување. Нормално, ваквите непазарни активности ниту се познати за надлежните власти, ниту знаат каква акција да преземат. Анализата на цените покажа дека некои од најбараните продукти за секојдневна исхрана, забележаа најголем раст на цените, како многу бараните јајца пред Велигден, кашкавалот, месото. Невообичаено, во групата на производи со најголемо поскапување е и тоалетната хартија.
Во продолжение поскапувањата забележани изминатите две недели во најголемите трговски ланци во државата:
- Кашкавали ајдамер и гауда – поскапување од 43 денари, монополистичка цена од 399 денари, скоро во сите маркети
- Јајца – шаблон 30 – празнично поскапување од 48 денари во просек !
- Мелено месо – пораст за 10 денари
- Свинска кременадла – пораст за 15 денари
- Говедско свежо месо – неверојатен пораст од во просек 84 денари!
- Чајна – пораст во просек од 15 денари
- Пиво – повторно поскапува во просек за 10 денари по литар!
- Тоалетна хартија – 10 парчиња, трослојна – пораст во просек за неверојатни 42 денари!
- Шеќер – незапаметен пораст од 16 денари во просек !
- Јогурт – поскапување од 10 денари во просек !
- Путер – поскапување од 10 денари во просек !
- Домати – празнично – поскапување од над 50 денари !
- Масло за јадење – просечно поскапување од над 40 денари !
Извор: Ценометар.мк