Како е родена ТВ 24? – ММС
ММС

Објавено на: 04/26/22 9:30 AM

Како е родена ТВ 24?

ТВ 24 по петти пат од АВМУ бара дозвола за телевизиско емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, односно за национално емитување, наместо сегашното преку кабелски оператор. Оваа телевизија има четири негативни одговори, откако претходно АВМУ четири пати нарачувала Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување. За таа намена за четирите студии, Агенцијата платила близу 19.500 евра. На седницата на Советот на АВМУ на 21 февруари 2022 година, нарачана е нова ваква Студија.
Добивањето на националната апликација ќе значи делење на рекламниот колач со останатите пет телевизии, кои заедно земаат две третини од буџетите за медиско рекламирање. Оттука е веројатно упорноста на ТВ 24.
Во меѓувреме, додека се изјасни АВМУ потсетуваме на наодите и сомневањата за поврзаност, односно медиумска концентрација со фирмите на Роберт Димитров преку порано објавеното истражување „Балканска медиумска индустрија – Mакедонски ендемски вид“, објавено во април 2018 година. Ова истражување го објавуваме во повеќе делови:

Како е родена ТВ 24?

Четврти дел

Зоран Трајчевски и ААВМУ со години прават кршење на законот од моментот кога Роберт Димитров од Дарко Гелевски – Брејк  ја презема телевизијата Плеј (ТВ МНЦ медиа) и ја трансформира во ТВ 24 со информативен формат.

Секако,  Димитров не стои никаде како сопственик, туку низ годините се менуваат неколку управители, за на крај во последната тековна состојба, да биде формирана подружница во Скопје во Општина Гази Баба. За овластено лице е именуван Зоран Анастасовски.

фото:Седиштето на компанијата е на ул Железничка бр 12, во Штип, во објектот на некогашен Елмар, фирма купена од Димитров.

 

Кој се’ ја управува ТВ24?

Кога е формирана телевизијата МНЦ управител е скопјанецот Драган Чурлиновски, и ова име останува, се’ додека ТВ 24 ВЕСТИ не ја презема австриската компанија Кабле 24, а за управител е поставен Тони Гравчевски со адреса во Скопје. Истата година доаѓа нов управител новинарот во ТВ 24 ВЕСТИ, Љупчо Цветановски. Тој останува неполна година, кога го заменува Јасминка Стојановска, маркетинг агент во телевизијата. Стојановска останува како управител на телевизијата се’ до мај 2016 година, кога ја заменува Зоран Атанасовски. По оваа промена следи преселба на дел од кадарот од проектот 360 степени на Алсат М, Младен Чадиковски доаѓа како уредник и со себе носи група на некогашни новинари на згасната ТВ А1. Советникот на уредникот, пензионираниот новинар Зоран Иванов, некогашен директор на МИА во време на СДСМ, си заминува од телевизијата.

Зоран Трајчевски и ААВМУ удоволуваат на барањата за неколку промени, каде во секоја прилика имале можност да ја проверат сопственоста и недозволената концентрација и свесно правеле кривично дело.

Во 2015 година е променет форматот на телевизија и од телевизија со информативен формат преминува во општо информативен. Телевизијата не може да го издржи товарат на процентот на информативна програма, што е и финансиски товар. ТВ 24 ВЕСТИ, според Анализата на пазарот на ААВМУ никогаш до сега не работела со добивка, туку постојано прикажувала загуби.

Во 2012 година загубата е 33,49% , за во 2016-та да падне на 9,61 отсто. Помалата загуба може да се препише на добриот прилив од политичко рекламирање за време на Предвремените парламентарни избори 2016. ТВ 24 ВЕСТИ  успеала да заработи 8,3 милиони денари од партиите, од кои 6,6 милиони платила СДСМ.

Зошто да имам телевизија?

 Зошто некој би сакал телевизија, која со години реди загуби? Одговорот е еден – во желбата за кокетирање со власта и политичко влијание за одржување на другите бизниси. Имено, покрај телевизискиот бизнис, Димитров има и кабелска телевизија, влезе и во градежништвото, како коинвеститор во станбена зграда, угостителството, во секторите на телекомуникации и ред други. При тоа, успешно ги негува непристојните врски со локалната власт, независно која политичка партија владее. Така, со еден градоначалник договараше ослободување од комуналии на сметка за разубавување фасади, градење на потпорен ѕид и тротоари, а за возврат општински привилегии. Сето тоа успешно спакувано во сликата на добродетел, хуманитарец за доброто на Штип и неговите граѓани. Тој однос продолжува и понатаму.

Но, да се вратиме на тоа што пропушти да го направи ААВМУ и нејзиниот директор.

Зоран Трајчевски има законска обврска да ја испита финансиската поврзаност помеѓу едно или повеќе правни лица кои доколку остваруваат повеќе од 25 %  од вкупниот промет. По дефиниција тоа се поврзани лица и може да ја загубат дозволата.

Телекабел се јавува како еден од најголемите огласувачи во ТВ 24 ВЕСТИ, што можел Трајчевски да го утврди преку мониторинг и преку анализа на нејзиното финансиско работење. Само еден поглед ќе открие  како огласувачот Телекабел  ги покрива загубите од работењето на ТВ 24 ВЕСТИ.

 

Продолжува…

 

Новинарски тим на Канал 77