Европската Комисија работи на шести пакет санкции против Русија, но никакви детали за нивната содржина не се соопштуваат, јави дописничката на МИА од Брисел. Ова денеска го потврди портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, на редовниот брифинг за новинари.
-ЕУ до сега покажа дека е подготвена да оди далеку во воведувањето санкции чија цел е да се сопре (рускиот претседател Владимир) Путин во неговата нелегална војна против Украина. Ќе преземеме остри и брзи мерки, во солидарност со ЕУ земјите и меѓународните партнери – изјави Спинант попладнево.
Главниот камен на сопнување во ЕУ е воведувањето на силни санкции во областа на енергијата, посебно нафтата и гасот, од кои се зависни бројни земји членки, но за сега Германија кочи вакви драстични мерки.
Портпаролката не сакаше да даде детали за содржината на санкциите, ниту дали ќе бидат поврзани за енергетскиот сектор, потсетувајќи дека дебатите за санкциите во ЕУ се водат тајно.
-Не можеме однапред да дадеме детали за роковите и содржината, затоа што доверливоста е многу важна работа во дебатите помеѓу земјите членки, рече таа, не можам да дадам содржински елементи, но решени сме да одиме напред со нов бран санкции против Русија, рече Спинант.
Европската Комисија ги предлага пакетите на санкции по претходна консултација со сите чинители во ЕУ за да обезбеди едногласност при усвојувањето на пакетот од страна на земјите членки. Извршната власт на ЕУ уверува дека ќе преземе “ефикасни санкции во најкус можен рок и со единство помеѓу земјите членки.
МИА