Немам јас докази за некое руско влијание овде – изјави денеска премиерот, Зоран Заев откако синоќа Њујорк Тајмс објави дека Москва прави големи напори за неуспех на референдумот на кој граѓаните на Македонија треба да се изјаснат дали прифаќаат влез на земјата во ЕУ и НАТО.
„Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против нашата интеграција во НАТО. И тоа го кажуваат многу јасно. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји и со Руската Федерација така што верувам дека сето она што претставува експликација на пријателство во Македонија ќе го разберат и пријателите од Русија затоа што нашите граѓани ќе останат на таа определба, рече премиерот, кој присуствува на Конференцијата „Денови на медиуми – ЕУ Западен Балкан“.
Заев истакна дека е запознаен со информациите за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи и традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести:
„Приврзаник сум на саморегулација затоашто новинарите и медиумските работници знаат најдобро како тоа да го направат а ние како политичари и вклади сме овде тоа само да го поддржиме на начинот на којшто мислат дека тоа е најдобро, рече премиерот искажувајќи поддршка за ЗНМ и за Советот за етика на медиумите и сето она што го развиваат како нивни политики овде во Македонија за да се спротистават на лажните вести, но и на сите девијатни појави во новинарството“.
Инаку, според Њујорк Тајмс американскиот Конгрес на почетокот на 2017 година одвоил 8 милиони долари буџетски средства за борба против руската пропаганда во Македонија, но парите се уште не се искористени. Овие пари се дел од 120 милиони долари што Конгресот ги одвоил во 2016 и 2017 година за решително стопирање на руските напори со ширење лажни вести и хакирање во системите на демокартските институции и во изборите во САД.
Во меѓувреме и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја обвини Русија дека го попречува членството на Македонија во Алијансата.
Според Столтенберг, има многу примери за обид на Русија да се вмеша во политичките процеси на НАТО земји и државите партнери.