За Велигден во многу семејства се бојадисуваат повеќе јајца одошто потребното. Затоа по празникот, домаќинките се во дилема до кога се безбедни за употреба тврдо варедните јајца. За разлика од свежите јајца, кои може да потраат и до еден месец ако се чуваат на пониска температура, тврдо варените јајца може да се јадат и до седум дена под услов да се чуваат во фрижидер. Имено, во текот на варењето доаѓа до разложување на нивниот заштитен слој кој ја обвива лушпата, па затоа јајцата стануваат чувствителни на влијанието на воздухот и на микроорганизмите.
Познавачите советуваат два-три часа откако јајцата добро ќе се оладат, да се стават во фрижидер. На овој начин, ќе се овозможи побавен развој на опасните бактерии. Најдобро е да ги чувате во картонска кутија или во херметички затворен сад. Сварените јајца чувајте ги на полиците во фрижидерот, а не на вратата, бидејќи со честото отворање се нарушува температурата. Тоа дополнително влијае на расипливоста на јајцата. Не се препорачува нивно замрзнување, бидејќи во тој случај ќе се изгуби и текстурата и вкусот на јајцето.
Тврдо варените јајца е најбезбедно да ги чувате со лушпа, па да ги исчистите пред употrеба. Во случај сепак да ги имате излупено, се препорачува на дното на садот да ставите влажна салфета. Јајцата кои се веќе излупени никако не треба да ги чувате надвор од фрижидерот. Некои луѓе се загрижуваат кога ќе видат дека варените јајца добилe сивкасто-зелена боја, но тоа не значи дека јајцето се расипало. Бојата зависи од времето и температурата на која се варело јајцето. Зеленкасто-сивата боја се јавува кога јајцето е преварено, бидејќи доаѓа до хемиска реакција која влијае како на текстурата, така и на вкусот.
Како да препознаете расипанo јајце
Првиот знак дека вареното јајце се расипало е „лигавата“ материја што се појавува на лушпата од јајцето. Исто така, кога ќе излупите расипано јајце може да се почувствува јак и непријатен мирис поради што најдобро е веднаш да го фрлите. Конзумирањето расипани јајца може да предизвика сериозни здравствени проблеми и да доведе до труење. Најчестите симптоми се дијареа, мачнина и повраќање.
Извор: srecna.republika.rs