ССМ од Владата бара линерано зголемување на платите во јавниот сектор – ММС
ММС

Објавено на: 04/21/22 6:17 PM

ССМ од Владата бара линерано зголемување на платите во јавниот сектор

Претставници на Сојузот на синдикатите на Макдонија (ССМ) попладнево имаа средба во Владата за исполнување на три  барања:  линеарно зголемување на платите за 2.806 денари за секој вработен во јавниот сектор, утврдување регрес или К-15 во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата и методологија за усогласувње на сите останати плати согласно порастот на минималната плата.

Средбата се одржа попладнево во Владата на иницијатива на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а присуствувала и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, која денеска при посета на Сојузот на здруженија на пензионери најави дека Владата почнува дијалог со репрезентативните синдикати за подготовка на Општ колективен договор за јавниот сектор.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски по средбата изјави дека има позитивни сигнали и дека тоа што го бараат од Владата како социјален партнер е, како што рече, издржано, аргументирано и солидарно.

– Бараме линеарно зголемување од 2.806 денари за целиот јавен сектор, вклучително и за образованието, регрес за јавниот сектор, утврдување на тоа право што го изгубиме пред некоја деценија, но и методологија за усогласување на порастот на минималната плата со сите останати плати во државата. Ние стоиме на нашите барања, немаме отстапки од тоа што го бараме, позициите ни се јасни и доколку се договориме, договорот ќе биде на задоволство на сите работници. Јавниот сектор ги опфаќа  управните органи, армијата, полицијата, здравствените работници, образовнието итн. да не ги набројувам. Сметаме дека овој проблем треба да се реши во интерес на целиот јавен сектор. Линеарното зголемување е во знак на солидарност или, како што велам јас – од чистачката до претседателот на држвата да земеме сите линеарно по 2 806 денари, рече Димовски.

Посочи дека како репрезентативен синдикат, ССМ  се бори за  правата на сите работници, независно  дали се од јавниот или од приватниот сектор и дека и на Организацијата на работодавачи  ќе и соопштат што побрзо да се зголемат линеарно платите и во приватниот сектор.

-Бидејќи ако не се случи тоа ден побрзо, ние од септември, согласно Законот, ќе бараме примена на колективните договори, ќе бараме процентуално зголемување на платите, додаде Димовски.

Барањата се доставени во вид на Општ колективен договор за јавен сектор и, рече, и даваат време на  Владата да ги разгледа.

-Им даваме време на Владата да го разгледа ова. Иако се празници, ние сме достапни и очекуваме одговор по овие три основни прашања, рече претседателот на ССМ.

МИА