„Империја“: Осомничени сакаат да се спогодат со Обвинителството, Стефанова бара да ги вратат кривично стекнатите пари – ММС
ММС

Објавено на: 04/21/22 4:41 PM

„Империја“: Осомничени сакаат да се спогодат со Обвинителството, Стефанова бара да ги вратат кривично стекнатите пари

Има иницијатива за спогодување во предметот „Империја“, кажа денеска обвинителката Лиле Стефанова. Одговарајќи на новинарско прашање по денешното изрекување на пресудата за „Плацеви на Водно“ таа рече дека не може да каже за кои лица се работи. Изјави дека постапката за спогодување не е тајна и дека ваква постапка поднеле повеќе лица, но за тоа ќе зборува доколку бидат постигнати спогодби.

„Нема кривично дело за кое не може да се прифати спогодба, но дали ќе се прифатат условите во постапките за спогодување тоа зависи од тоа на што ќе се спогодат обвинетите. Целта на постапката Империја ќе биде пред сѐ дали обвинетите да ја вратат имотната корист со која се стекнале со извршување на кривичните дела“, образложи Стефанова.

Таа рече дека истрагата за овој случај е веќе завршена и се надева оти до крајот на следниот месец ќе има јавнообвинителска одлука.

„Истрагата Империја почна како предмет во Специјалното јавно обвинителство. СЈО беше надлежно за сите кривични дела произлезени од незаконски прислушкуваните разговори. Овој предмет по случувањата кои се општо познати и не сакам да ги повторам, премина во  Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.  Ова Јавно обвинителство има свои надлежности и сакам само да појаснам дека некои од дејствијата почнуваа во истрагата од 2002 година. Истражната постапка заврши за сите дела за кои беше поведена. Сега следуваат, односно од вчера започнаа известувањата за завршена истрага. Следува обвинетите во нивните 15 дена да доставуваат докази, да вршат преписи иако сите тие извршија увид во доказите“, додаде обвинителката.

Сепак, таа потенцираше дека во овој момент не може да зборува за за имиња, презимиња и за кривични дела.

„Да, во текот на истрагата беше проширувана и за нови кривични дела и за нови лица. Сакам само да кажам дека обезбедени се квалитенти докази во оваа истрага и ценам дека ќе имаме уште еден успешен предмет во кој ќе докажеме како се извршени кривичните дела и очекувам конфискација на имотите од тие кривични дела. Точно е дека  и кривичната пријава за МПМ која претходно беше во Скопското јавно обвинителство беше препратена и на истата имаше воспоставена надлежност на СЈО. Тој предмет заврши како  истрага во Обвинителството и ќе се донесе соодветна одлука по завршувањето“, нагласи Стефанова.

Истрагата под кодно име „Империја“ беше отворена во 2018-та година против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Според првичната истрага тие го оштетиле државниот буџет за речиси 6.3 милиони евра.