Милиони луѓе го видоа спомен-домот на Тоше – Одбележани 11 години од постоењето – ММС
ММС

Објавено на: 04/21/22 3:11 PM

Милиони луѓе го видоа спомен-домот на Тоше – Одбележани 11 години од постоењето

Денес во Спомен-куќата „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево е одбележана 11-годишнината од отворањето на спомен-домот посветен на Тоше Проески.

Годишнината е одбележана со музичко-сценски настан и изложба во духот на хуманоста.

На одбележувањето беа доделени хуманитарни ваучери на пет социјално ранливи семејства. Се одржа литературно читање на тема „Твојот и мојот непребол“ со творби од поетеси кои ги читаа учениците од Основното крушевско училиште „Никола Карев“, а беше отворена и изложба на дела на Снежана Лазарова. Пред присутните со преработки на песните на Тоше настапи саксофонистот Горан Папаз. На вработените им беа доделени и јубилејни награди за 10 години работење во Спомен-куќата „Тодор Проески“.

– Единаесет години во спомен-домот се чуваат спомените за Тоше Проески, се чува секоја негова насмевка, се чуваат неговите лични предмети, оние што ги добивал од фановите, се слуша неговата музика и постојано имаме посетители. Ја одбележуваме 11-годишнината од Спомен-домот онака како што му прилега на Тоше, со музика, со сеќавања, изложба, со творби и со хуманост. Тоа е скромен настан со кој, на некој начин по пандемиското време, ги отвораме вратите на Спомен-куќата за поголема посетеност. Во спомен-куќата се 360 експонати, а за овие 11 години ја посететиле близу еден милион гости и тоа од речиси цел свет. Сме имале посетители од Кина, Тајван, од европските земји и секако од балканските земји, рече директорката на спомен-куќата Лефкија Гажоска.