По шестемесечниот хаос, гостиварската локална власт најавува дека ќе го реши проблемот со паркирањето во градот. Оттаму најавуваат дека зонското паркирање пак ќе се воведе.
ЈП за паркиралишта и зеленило потпиша договор со фирма за јавно-приватно партнерство, со кој ќе се регулира зонското паркирање.
Од Општина Гостивар, велат дека по завршување на сите процедури, најверојатно од наредниот месец ќе се воведе зонското паркирање
-Зонското паркирање ќе почне да функционира за две недели. Во втората фаза ќе бидат пуштени во употреба два затворени паркинзи, а во третата фаза, наредната година, ќе започне примена на сензори со кој возачите преку апликација на мобилен телефон или на смарт табли ќе можат да знаат каде има слободен паркинг, рекоа од фирмата која го доби тендерот за зонско паркирање.
Цената за зонското паркирање останува иста како минатиот пат, односно 25 денари од час
Инаку актуелното општинско раководство го укина зонското во февруари годинава. Според нив договорот кој го склучила минатата локална власт со фирмата која го спроведувала зонското паркирање бил на штета на општината, која добивала многу малку пари од заработеното. Сега со новиот договор, јавното претпријатие ќе добива 90 % од заработката.
Изминативе 6 месеци во Гостивар откако се укина зонското, секој паркираше каде ќе стигне. Во градот владееше голем хаос, со оглед на тоа што бројката на возила, изминатово лето беше многу поголема, поради печалбарите кои во својот роден крај, беа дојдени на годишен одмор.
Зоран Димовски