Лага е дека 10.000 луѓе биле убиени во Македонија затоа што се нарекувале Бугари – Пендаровски вели тука никогаш немало логори – ММС
ММС

Објавено на: 04/21/22 12:48 PM

Лага е дека 10.000 луѓе биле убиени во Македонија затоа што се нарекувале Бугари – Пендаровски вели тука никогаш немало логори

Постојат потврдени историски факти и извори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник  на Хитлер – изјави денеска претседателот, Стево Пендаровски. Тој беше прашан за коментар во однос на изјавата на неговиот бугарски колега, дека десетици илјади луѓе биле убиени во концентрациони логори во Македонија затоа што се нарекувале Бугари.

Пендаровски сепак оцени дека тоа е лага и дека се работи за гола конструкција за политички цели.

„Постојат потврдени историски факти и извори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник  на Хитлер. Во 44-та година под негова директна инструкција доаѓа во Скопје во обид да воспотави независна македонска држава и откако не добива поддршка од локалното население рапортира назад до неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист или нацист“, порача Пендаровски откако Радев изјави дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија.

Според нашиот претседател, нацисти не се само оние кои убивале луѓе, туку и оние кои ја следеле нацистичката идеологија.

„Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, нацистичката идеологија за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, не велиме дека бил тоа, но неспорно бил следбеник и „корисник“ на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време. Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 илјади луѓе биле убиени во логори во Македонија во тоа време, ниту во бугарската, ниту во македонската, ниту во светската историографија“, додаде шефотна државата.

Според него, во Македонија никогаш немало концентрациони логори, ниту пак има денес.

Одговарајќи на новинарско прашање за бугарското барање за промени во македонскиот устав, тој истакна дека не треба да се концентрирамена историјата.

„Две години наназад повторувам, ако во однос на овој спор ние се концентрираме со Бугарија предоминантно на решавање на историските контроверзи никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински и реален критериум за влез  во ЕУ – владеење на правото, борба против корупцијата, човековите слободи и права, денес ние можеме многу брзо  за многу кус временски период да дојдеме заеднички до прифатлива солуција“, дециден е Пендаровски.

„Ако зборуваме дали во 11-ти век Самоил бил Бугарин, Македонец, Ерменец и така натаму никогаш нема да се усогласиме. Историјата на историчарите, актуелните проблеми денес. Јас, сите ние и колегата Радев не сме бирани на избори за да решаваме кој каква националност бил во време на Самоиловото царство. Ние сме  избрани од граѓаните на нашите земји да ги решаваме овие проблеми – стандард на живеење, инвестиции, посреќен живот“, додаде претседателот.

Тој оцени дека политичка волја за решавање на прашањето со Бугарија постои и кај власта и кај опозицијата.

– Прашањето е за тајмингот и за гаранцијата дека потоа нема некоја идна влада да бара промена на устав или да има други политички барања. Затоа јас мислам дека еден од начините на кои може да се пријде на тоа прашање со намера да се реши е преспанската – заклучи Пендаровски.

 

Радев: Не Иван Михајлов, туку други луѓе убија десетици илјади затоа што решија да се нарекуваат Бугари, ова е вистински фашизам