Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека идната недела ќе се знаат чекорите што евентуално ќе бидат преземени во врска со регистрацијата на здружението на граѓани „Ванчо Михајлов“ во земјава и отворањето на културниот центар под тоа име во Битола.
Претходно, нагласи Ковачевски, сите аспекти на ова прашање ќе бидат разгледани, по што ќе биде донесена одлука за натамошните чекори.
– Во однос на самото здружение кое е регистрирано, тоа подлежи на регистрација врз основа на законските прописи во државата. Нормално е дека како Влада ќе ги собереме сите информации кои се потребни во однос на регистрација на здруженија на граѓани. Во однос на користењето на имињата веќе имаше и од правни експерти одредени изјави и кога ќе ги добиеме сите информации идната недела ќе ве информираме за натамошните чекори, изјави премиерот во одговор на новинарско прашање по извршениот увид во отпочнување на градежните работи на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, поранешна „Партизан“, во Општина Карпош.
Според него, настанот на отворање на овој центар во саботата претставува, како што нагласи, ништо повеќе од провокација, бидејќи ги буди духовите од минатото, со оглед на тоа што се работи за личност која била соработник и на Германија на Хитлер и Италија на Мусолини, но и НДХ на Павелиќ.
– Со тоа воопшто таа личност не може да биде мост за иднината на пријателство помеѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата. Овој настан преставува единствено провокација, која што не води во насока на подобрување на односите и во финализирање на еден успешен дијалог со постигнување на договор којшто договор ќе значи брзо отворање на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, истакна македонскиот премиер.
Ковачевски смета дека ние со соседните држави треба да градиме мостови на пријателство, треба да гледаме кон иднината.