СОНК ги доведе наставниците во заблуда – Премиерот Ковачевски вели не се водат преговори под уцена – ММС
ММС

Објавено на: 04/21/22 11:36 AM

СОНК ги доведе наставниците во заблуда – Премиерот Ковачевски вели не се водат преговори под уцена

Наставниците се тие кои го градат човечкиот капитал во државата, тие се тие кои претставуваат авангарда и интелигенција во секое општество – изјави денеска премиерот, Димитар Ковачевски кој уверува дека ќе се најде достоинствено и долгорочно решение за наставниците и останатите вработени во јавниот сектор.

Откако вчера од СОНК информираа дека штрајкот продолжува, премиерот истакна дека Владата е отворена за разговори и за преговори, но обвини дека СОНК ги ставил наставниците во заблуда.

„Кажавме дека преговори не се водат под уцена, туку се водат низ економско-социјалниот дијалог. Ние ја качивме минималната плата и постои законски рок од шест месеци за усогласување на платите. Тој рок не е истечен. СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие 6 месеци го започна штрајкот“, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека на вчерашната прес конференција, претседателот на СОНК не бил искрен до крај во неговото образложување на членовите од законот и од колективниот докторор.

„Не ги кажа точните членови и не ги кажа до крај сите членови во однос на тие законски решенија. Тоа треба да го направи. Второ, ние кажавме дека ќе разговараме со репрезентативниот синдикат во однос на зголемувањето на платите во јавниот сектор, во однос на воведување на нова методологија за зголемување во иднина на платите во јавниот сектор, но и отворање на процес за изработка на нов закон за плати во државата со кој ќе се отстранат голем број на неконзистентности коишто постојат во јавниот сектор и секако процес на реформи во јавниот сектор бидејќи јавниот сектор брои повеќе од 130 илјади вработени“, нагласи Ковачевски.

Тој додаде дека во јавниот сектор има 132.000 вработени кои се платени од вработениот во приватниот сектор и како што рече, ако се покачи платата., треба да се испорача и подобра услуга за граѓаните.

„Бидејќи најлесно е да се покачи плата во јавниот сектор – синдикатот ќе побара, Владата ќе одобри, а ќе ја платат даночните обврзници. Но тие даночни обврзници треба да добијат повисоко ниво на услуга кога плаќаат за платата којашто е повисока на јавниот секор и низ разговор со синдикатите, со репрезентативниот синдикат ќе дојдеме до решение во коешто ќе имаме прво, зголемување на платите во јавниот сектор. Не зборувам само за еден сектор, зборувам за јавниот сектор, а исто така би сакал да апелирам наставниците да се вратат во училиштата“, порача Ковачевски.

Претседателот на Владата рече дека и самиот доаѓа од образовната фела и дека пак ќе се рати таму.

„Јас секогаш сум бил на нивна страна, затоа и го имаме отворено дијалогот којшто е во постојан континуитет, освен тогаш кога СОНК ќе реши да штрајкува без да има завршен дијалог, за кој нормално постојат законски прописи и рокови“, додаде тој.

Во меѓувреме, вработените во градинките и училиштата продолжуваат со штрајкот. Првиот човек на Синдикатот за образование и наука, Јаким Неделков вчера ја обвини Владата за оспорување на правото на штрајк и ги оцени како обиди за заплашување, изјавите на дел од владините министри дека на штрајкувачите ќе им бидат исплатени само придонеси.

Штрајкот ќе продолжи се’ додека нема договор: Синдикалците се незадоволни од владините заклучоци