Вклучување и поддршка на активните баратели на работа од категоријата корисници на гарантирана минимална помош е целта на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на труд“, што се спроведува во рамките на Агенцијата за вработување. За начините и можностите за вклучување на овие граѓани, во Штип се разговараше со работодавачите, кои се заинтересирани за вработување на овие лица. Како што објасни проектната координаторка Наташа Здравковска, овој проект што е финансиран од Европската Унија, вклучува повеќе активни мерки и услуги, кои меѓусебно се надополнуваат во функција на што поголемо вклучување на овие луѓе во работниот процес.
-Првата компонента е СИМ советување и мотивација, која предвидува психо – социјална услуга и менторска поддршка, додека втората компонента се содржи од четири активни мерки, кои веќе се спроведуваат во рамки на Агенцијата за вработување. Специфично за проектот е првата компонента, односно СИМ програмата, затоа што во рамките на неа се пилотираат како услуги, услугата за психо-социјална поддршка и услугата за менторска поддршка. Услугата за психо-социјална поддршка предвивува индивидуално и групно советување со корисници на гарантирана минимална помош, со што ги подготвува на вклучување на пазарот на труд, а подоцна што се подготват и има интерес од работодавачите, се вклчуваат во компонента два, објаснува Здравковска.
Овие граѓани паралелно можат да работат, но и да ја користат компонентата на психо-социјална и менторска поддршка. Проектот е наменет за невработени, корисници на гарантирана минимална помош, кои се редовно евидентирани како активни баратели на работа. За ниц се очекува и да има изготвен план за нивно вклучување.
Средбите што се организираат деновиве низ градовите во државата, како и разговорите за вклучување, покажуваат интерес и од страна на работодавачите.
-Има интерес кај работодавачите за ангажирање на оваа категорија на луѓе. Се работи за специфична група, за чие ангажирање се бара повеќе напор и од Агенцијата за вработување и од Центрите за социјална работа, со цел вклучување на овие луѓе и работодавачите да добијат помош да ги прифатат во своите компании, вели Здравковска.
Освен мерката практикантство, која е за невработени до 35 години, останатите мерки немаат вакви специфични ограничувања.
Активностите во рамките на овој проект се покажаа како неопходни, особено сега во време на економска криза и последиците што ги остави пандемијата. Според проценките, пандемијата особено влијаеше на оваа категорија на луѓе, чии број се зголеми за близу 30% во однос од пред пандемијата, поради што се воведени и ковид мерки, за лица кои останаа без работа пред март 2020 година.