Чија е ТВ 24? – ММС
ММС

Објавено на: 04/21/22 1:54 PM

Чија е ТВ 24?

ТВ 24 по петти пат од АВМУ бара дозвола за телевизиско емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, односно за национално емитување, наместо сегашното преку кабелски оператор. Оваа телевизија има четири негативни одговори, откако претходно АМВИ четири пати нарачувала Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување. За таа намена за четирите студии, Агенцијата платила близу 19.500 евра. На седницата на Советот на АВМУ на 21 февруари, нарачана е нова ваква Студија.
Добивањето на националната апликација ќе значи делење на рекламниот колач со останатите пет телевизии, кои заедно земаат две третини од буџетите за медиско рекламирање. Оттука е веројатно упорноста на ТВ 24.
Во меѓувреме, додека се изјасни АВМУ потсетуваме на наодите и сомневањата за поврзаност, односно медиумска концентрација со фирмите на Роберт Димитров преку порано објавеното истражување „Балканска медиумска индустрија – Mакедонски ендемски вид“, објавено во април 2018 година. Ова истражување го објавуваме во повеќе делови:

Чија е ТВ 24?

Трет дел

Официјално, во регистарот на ААВМУ, сопственик на ТВ 24 ВЕСТИ е Cable 24 (Цабле 24), со шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги, со адреса на АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија.

Основач на Cable 24 (Цабле 24) е ЈМ-Дата и Јирген Мајкснер.

Основач на ЈМ Дата – мајка фирма е Јирген Мајкснер и неговата сопруга, Весна Мајкснер, родена штипјанка,  со адреса АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија  и шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги.

Австриецот има неколку фирми на негово име. Покрај споменатите две, Мајкснер е сопственик на уште една компанија за интернет услуги во Австрија, а  има уште една компанија во Македонија. Тоа е компанијата за жичани телекомуникации „Аикол“. „ Аикол“ се води на иста адреса, „Ванчо Прќе“ 88 Штип, како и кабелската телевизија „Телекабел“, „Топ Инвест“, Радио „Енџелс ФМ’,  „Роби Инжинеринг“  и други.

Кабелската Роби ДООЕЛ чиј сопственик е Роберт Димитров, според тековната состојба од Централниот регистер,  како и компанијата ““РОБИ ИНЖЕНЕРИНГ““, чиј управител е сестрата на Роберт Димитров, Жанжанина Стојанова имаат истото седиште како и Аикол,  – „Ванчо Прке бр.88“, Штип.

На оваа адреса „Ванчо Прке бр.88“ е и седиштето и на Радио Енџелс ФМ, чиј сопственик е Иле Митров, вонбрачниот партнер на сестрата на Димитров, Жанжанина Стојанова кои заедно живеат на ул.Христијан Карпош бр.122 во Штип..

Оваа радиостаница е купена од Радио Черења, ромско радио.

 

Тоа што ААВМУ пропушти да го направи во изминатите години на кршење на законот, може да го направи сега и да провери неколку свои прекршувања. На пример, како дозволи ромското Радио Черења да стане Радио Енџелс со доминантна популарна странска музика, со седиште на истата адреса како и ““РОБИ ИНЖЕНЕРИНГ““, што сега сака да ја преземе ТВ 24 ВЕСТИ.

Во 2010 година, невенчаниот партнер на Жанжанина Стојанова, управителка на ““РОБИ ИНЖЕНЕРИНГ““, Иле Митров, за милион денари го купува ромското радио од сопственичката Енисе Димирова. ААВМУ ја впишува промената, но со месеци не реагира на фактот дека тоа повеќе не е ромско радио, како што гласи во форматот за издадената дозвола.

Конечно, по две години, по претставка, во 2012 година ААВМУ на Енџелс му изрекува писмена опомена за прекршување на Законот за радиодифузна дејност, односно „поради необезбедување на најмалку 30% ромска музика’.

И за оваа радиостаница која е енигма, директорот Зоран Трајчевски прави кривично дело за непостапување, неодземање на дозволата.

Мрежата од фирми и физички лица е лесно достапна. Проверката на овој податок е службена задача на директорот и на ААВМУ. Согласно чл.34 став 1 ААВМУ, односно директорот мора да ја провери кој е основач на радиодифузната организација, без оглед дали е домашна или странска компанија или лице.

Законодавецот предвидел доколку земјата од која се јавува основачот не е достапна за проверка, тогаш не може да врши радиодифузна дејност ниту да се стекне со удел во сопственост на радиодифузер.

Со ова, Зоран Трајчевски прави ново  кривично дело за непостапување .

Оваа состојба има статус на јавна тајна: Сите знаеме но не смееме да кажеме.

Директорот Трајчевски е сигурен за својата позиција бидејќи се спинуваат информации  дека од Брисел има барање да не се менува од челната позиција на ААВМУ.

Подоцна ова го дообјасни вицепремиерот Бујар Османи дека препорака е „сите именувања да бидат според законската процедура, транспарентни и без никакви елементи на политички и на партиски реваншизам“(изјава Бујар Османи 24.11.2017 год).