Над 500 деца без родители се во згрижувачки семејства – Во Скопје отворен нов центар за нивна поддршка – ММС
ММС

Објавено на: 04/20/22 2:02 PM

Над 500 деца без родители се во згрижувачки семејства – Во Скопје отворен нов центар за нивна поддршка

Вкупно 327 семејства во земјава згрижуваат деца без родители и родителска грижа. Бројот на овие деца изнесува 599, а во меѓувреме како што уверува министерката за труд и социјална политика Јованка Трнечевска, се прават напори да се развијат специјализирани згрижувачки семејства. Таа најавува дека ќе се прошири мрежатa, за да може да се зголеми квалитетот на грижа во постоечки згрижувачки семејства. За таа цел, денеска во СОС Детско село во Скопје беше отворен Центарот за поддршка на згрижувачки семејства.

Ова е трет центар од ваков тип во државата покрај двата во Детскиот дом „11 Октомври” – Скопје и во Домот за доенчиња и мали деца во Битола.

„За едно дете да расте и правилно да се развива идеална е природната средина, односно семејната средина. Но, поради разни причини некои деца ја немаат таа можност. Затоа МТСП преку законски решенија, стратегии, програми и активности работи на создавање на услови за секое дете да расте и да се развива во средина блиска на семејната. Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа им овозможува на децата развивање во здрави личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината“, изјави Тренчевска на денешното отворање на Центарот.

Како што е предвидено, со него ќе се промовира услугата згрижување во семејство, подготовка, проценка и обука на идните згрижувачи, но и ќе им се дава поддршка на постојните згрижувачки семејства.

„Исто така, со оваа реформа за првпат како социјална услуга се препознава услугата стручна помош и поддршка на згрижувачките семејства со што се создаде можност поддршката на згрижувачките семејства да биде обезбедена од страна на лиценциран овластен давател на услугата“, додаде Тренчевска.

За оваа услуга МТСП склучи управен договор со СОС Детско село, чија национална директорка Јулијана Гапо информираше дека оваа институција во моментот обезбедува поддршка за 64 згрижувачки семејства.

„Се надевам дека заедно со МТСП во наредните години ќе успееме да го унапредиме згрижувањето, да го зголемме бројот на згрижувачи и да ги изградиме капацитетите на згрижувачките семејства, но исто така и да ја зајакнеме свеста околу згрижувањето да ги разбиеме митовите околку згрижувањето и да убедиме повеќе граѓани да го отворат својот дом да поддадат рака и да променат нечиј живот“, истакна Гапо.

Таа најави дека ќе отпочнат со кампања во осум градови, а до крајот на годинава очекува да ја реализираат во 26.

„Ќе се обидеме да допреме до секое семејство и до сите граѓани да дадеме повеќе информации за тоа што значи да се биде згрижувач и како може да им се помогне на овие деца. Иако има повеќе услови за некое лице да може да стане згрижувач, како што се просторни услови, основни приходи основни во семејството, тоа да не биде осудувано, да нема преголема разлика во годините со детето кое ќе биде згрижено, како и да има родителски капацитети, најважно е мотивацијата да не биде економска, туку тоа да бидат желбата и љубовта кон децата“, порача Гапо.

 

Фото:  МИА