Од Европската Комисија денеска порачаа дека е прерано да се укинат Ковид сертификатите иако тие сѐ помалку се користат во земјите членки на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова денеска го изјави портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд, на редовниот брифинг за новинари во Комисијата.
Законскиот предлог за Ковид сертификатите, со кои се патува во ЕУ и уште шеесетина земји приклучени кон системот, е продолжен веќе два пати, сега до крајот на јуни. Виганд рече дека ќе се предложи уште едно пролонгирање после тоа.
-Затоа што не знаеме каква ќе биде епидемиолошката состојба наесен, нови соеви може да се појават, добро е да останеме подготвени, а некои земји сѐ уште го користат сертификатот на национално ниво, додаде портпаролот.
Европската Комисија со задоволство ќе предложи негово укинување кога веќе нема да има потреба од овој сертификат, но засега тоа не е случај. Виганд додаде дека сертификатите овозможија да се патува безбедно во ЕУ од почетокот на епидемијата, но дека целта на овој документ не е да биде предуслов за патување.
МИА