Отворањето на клубот во Битола е провокација – министерот Оливер Спасовски не го прифаќа „Ванчо Михајлов“ – ММС
ММС

Објавено на: 04/20/22 12:21 PM

Отворањето на клубот во Битола е провокација – министерот Оливер Спасовски не го прифаќа „Ванчо Михајлов“

Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, според министерот Оливер Спасовски, е провокација и нема да придонесе за подобрување на односите со Бугарија.

Одговарајќи на новинарско прашање, како го коментира отворањето на клубот, тој потенцираше дека државава сака преку принципиелни разговори да дојде до решение за да се оствари националниот интерес. Како што рече, тоа е членството во ЕУ.

„Ова што се случи во Битола, отворањето на овој центар и тоа со име на еден учесник или соработник на Хитлер, за мене е неприфатливо. Тоа е провокација и нема никако да придонесе за подобрување на односите и ниту ќе ја подобри климата во Бугарија, ниту во Северна Македонија. Јас цврсто стојам на ставот дека нашата земја е никната практично од народоослободителната борба и тие придобивките ги почитувам максимално. Борбата против фашизмот во тоа време е придобивка која сите ние идните генерации мора да ја сочуваме, негуваме, со цел да не ни се врати нешто што беше погубно за целиот свет“, порача министерот за внатрешни работи денеска од Куманово

Тој порача дека сите политичари треба да се свртат кон иднината.

„Важно е кога ќе носиме одлуки за идните генерации да не загрозиме ништо од она што сега го имаме. Разговор на принципиелни основи и се надевам дека ќе може да дојдеме до решение“, додаде Спасовски коментирајќи го отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола во рамките на културниот центар „Иван Михаилов“.

Клубот го отвори бугарскиот премиер Кирил Петков, придружуван од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева.