Не може со една лозинка цело семејство да ужива – Нетфликс најави рестрикции – ММС
ММС

Објавено на: 04/20/22 11:02 AM

Не може со една лозинка цело семејство да ужива – Нетфликс најави рестрикции

Бројот на претплатници на платформата за гледање филмови и серии Нетфликс опадна за првпат по повеќе од една деценија постоење. Во првите три месеци од годината бројот на претплатници се намалил за околу 200.000, пренесе Би-Би-Си. До падот на бројот на претплатници дошло по одлуката на компанијата да ги зголеми цените на клучните пазари вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави и Велика Британија, а да се повлече од рускиот пазар.

Исто така, Нетфликс тврди дека ова се случува и поради споделувањето лозинки меѓу самите корисници.  Од компанијата ги предупредиле инвеститорите дека во следните три месеци можно е да „заминат“ уште три милиони претплатници.

„Растот на нашите приходи е значително успорен како што покажуваат нашите резултати“, соопшти компанијата.

Во моментот, на Нетфликс се претплатени околу 220 милиони луѓе ширум светот. Повлекувањето од Русија беше чекор на кој компанијата се одлучи по почнувањето на војната во Украина, но со тоа остана без 700.000 претплатници, а уште 600.000 корисници ја укинаа претплатата во САД и Канада по зголемувањето на цените.

Извршниот директор на овој стриминг сервис, Рид Хејстиндс соопшти дека компанијата е спремна да ги направи најголемите промени досега во својот модел на работење. Во најлош случај, Нетфликс планира да го укине споделувањето лозинки, а во најдобар, на корисниците кои ги споделуваат лозинките да им наплаќа повеќе. Веќе имаше најави дека ќе се случи такво нешто, па компанијата почна да го тестира овој модел во одредени земји.

Хејстингс изјави дека на компанијата веројатно ќе и’ биде потребно време од една година за да ги примени овие промени на глобално ниво. Освен тоа, се’ поизвесно е дека Нетфликс ќе има претплатнички нивоа, а најевтините ќе имаат реклами. Хејстинг додаде дека компанијата досега била прилично отворена за претплати поддржани од реклами, откако со години била против нив.

„Оние кои следат Нетфликс од почеток знаат дека сум против огласување и сум голем обожавател на едноставните претплати, но сепак сакам и поголем избор на потрошувачи, па ќе имаме можност за претплата и за оние кои сакаат да плаќаат пониска сума, а сепак се толерантни на реклами“, додаде Хејстингс.

Од компанијата истакнале дека повеќе од 30 милиони домаќинства од САД и Канада користат заедничка лозинка за пристап до содржините, а уште 100 милиони домаќинства дополнително користат заедничка лозинка ширум светот. Нетфликс сега сака милионите домаќинства кои користат иста лозинка да почнат да плаќаат. Во соопштение за јавноста, компанијата признава дека намерно го дозволила великодушното споделување лозинки надвор од домовите на претплатниците, но поради зголемената конкуренција компанијата сака милионите домаќинства кои користат иста лозинка да почнат да плаќаат.

-Ние имаме релативно висока пенетрација во домаќинствата, но кога ќе се земе предвид големиот број домаќинства кои ги делат сметките во комбинација со конкуренцијата се создаваат пречки за раст на нашите приходи- се наведува во соопштението на компанијата.