Четворица штипјани во трка да го преземат партиското место на Иван Јорданов – ММС
ММС

Објавено на: 04/18/22 3:26 PM

Четворица штипјани во трка да го преземат партиското место на Иван Јорданов

Стеснет е кругот на кандидати за претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Штип, кои се пријавија на јавниот повик од страна на опозициската партија. Деновиве се проверува рејтингот на четири кандидати, за кои членството ќе го каже своето мислење, кој треба да го наследи Иван Јорданов, кој на Локалните избори лани во октомври, стана градоначалник на Штип. Јорданов е на чело на штипскиот Општински комитет од 2016 година. Со оглед на тоа дека двете функции се неспоиви, партијата ВМРО ДПМНЕ распиша јавен повик за нови претседатели во повеќе градови, вклучувајќи го и Штип.

Како што потврдуваат од партијата, во тек е телефонска анкета, на која се проверува рејтингот на Душко Иванов, актуелен советник и координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, кој во исто време се смета за најсериозен кандидат да го наследи Јорданов на партиската позиција. На листата на селектирани кандидати е и Трајче Здравков, исто така близок соработник на Јорданов, актуелен в.д. директор на ЈП „Исар“. Се испитува мислењето на членството и за Бојан Кереместевски, поранешен член на Советот на Општина Штип и Игор Петров, вработен во УЈП.

Јавниот повик заврши на 7 март, а од кандидатите се очекуваше мотивациско писмо и план за работа на Општинскиот комитет. Во повикот ВМРО ДПМНЕ истакна дека „сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани, зависно од личните квалитети, успесите во минатото и визијата за иднината“.