Не може за европско злато Егоров да добие само 500 евра награда – полемика во Советот на Штип – ММС
ММС

Објавено на: 04/18/22 2:50 PM

Не може за европско злато Егоров да добие само 500 евра награда – полемика во Советот на Штип

Владимир Егоров од БК „Балканец“ од Штип, кој ја израдува македонската и штипската јавност со златен медал на Европското првенство во борење, од Општината Штип доби награда од 500 евра. Тоа е максималниот износ што може да се даде, според усвоениот општински Правилник. Егоров, по Европското првенство во Унгарија, беше пречекан на раце на Градскиот плоштад, додека во Големата сала на Советот на Општината Штип беше организирана свеченост во негова чест. Меѓутоа, ниту едното ниту другото не беше во организација на градот.

-Не може на европско злато да се даде 500 евра. Освен тоа, се одржа една лоша манифестација, со лошо сценарио, се говореше два часа, додека Владимир Егоров зборуваше само две минути и тоа без превод. Зарем не можеше да се обезбеди превод од руски?, праша советникот Иван Бојаџиски.

Одговори Дејан Здравков, претседател на Комисијата за спорт на Советот на Општината Штип. Според Здравков, Егоров не го претставувал градот на Европското првенство, туку македонската репрезентација и Агенцијата за млади и спорт е таа што треба да го награди.

– Во однос на Егоров,  не беше сценариото страшно кога имаше полна сала со сите лица од македонското борење. Организатор беше самиот клуб „Балканец“, кој побара да ја користи салата. Бевме повикани како гости градоначалникот и јас како претседател на Комисијата за спорт. Дали треба 30.000 денари или 5000 евра награда? Знаете дека вкупниот буџет за награди е 100.000 денари. Ние имавме и спортист со второ место на Европско првенство. Но, тие не го претставуваат градот, туку репрезентацијата на Македонија и награди треба да даде Агенцијата за млади и спорт. Ние како општина, на крај на годината доделуваме награди – спортист на годината, рече Здравков.

Спортски Штип неодамна имаше уште една свеченост, која повторно не беше во организација на градот. Станува збор за одбележувањето на 60 години од првиот кошаркарски натпревар меѓу тогашниот КК „Текстилец“ и КК „Црвена Ѕвезда“ од Белград. Советникот Бојаџиски забележа дека и овој настан го организирал приватно лице, што да беше во организација на градот, можело подобро да се организира, со покана до ветераните од „Црвена Ѕвезда“, кои како што рече сигурно би дошле. На ова забележа претседателката Весна Карагунова – Кожинкова, дека ниту таа, ниту советничката група на ВМРО ДПМНЕ биле поканети на свеченоста.

-За настанот дознавме од медиумите, што предизвика горчлив вкус дека во кругот на гимназијата се организира приватна партиска забава за советниците од СДСМ заедно со партиското раководство.  Никој не беше вклучен од нас, ниту Комисијата за спорт, рече Карагунова – Кожинкова.

На ова Дејан Здравков објасни дека свеченоста не била во организација на приватно лице туку правно насловено како Иницијативен одбор за развој на спортот во Штип.

Поканети бевме како гости, со покана по телефон. Имам непотврдена информација дека тие сакале и лани и преклани да ја организираат оваа манифестација, ама биле спречени од раководството на гимназијата. Никој од службите не беше информиран. Тоа е пропуст на организаторот, рече Здравков.