Актуелните правила за патување во Грција продолжени до 1 мај – ММС
ММС

Објавено на: 04/18/22 10:33 AM

Актуелните правила за патување во Грција продолжени до 1 мај

До 1 мај се продолжени актуелните правила и предуслови за патување во Грција, односно и понатаму е задолжителен сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19 или негативен резултат од ПЦР/рапид тест, мерки што важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19″, веќе е објавена во Службен весник на Грција, утрово стапи во сила, а важи до 1 мај 2022 година.

Во однос на документот поврзан со Ковид-19, правилата остануваат непроменети, сертификатот за вакцинација е со важност до девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид, а МИА детално ги пренесува правилата за патување во Грција.

Влез во земјата е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 37 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија.

Патниците ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест.

За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Европскиот дигитален сертификат треба да ги содржи основните лични податоци, име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.

Втората опција е со потврда за прележан Ковид-19 по лабораториски тест со ПЦР метод или со брз антиген тест (рапид тест), а согласно министерската одлука, европскиот дигитален сертификат за прележана болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до180 дена од истиот.

Третата опција е со потврда за негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Сите посетители на Грција, независно од државјанството и начинот на влез во земјата, може да бидат подложени на случајни тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот.

Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.

Непроменети се и мерките што важат во внатрешноста на Грција, маската и понатаму е задолжителна за сите затворени простори, а за влез во сите објекти, потребен е документ за Ковид-19 кој се скенира со специјална апликација. Исклучок се маркетите, аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи.

Овие мерки ќе се променат од 1 мај, кога привремено, до 31 август се укинуваат сертификатот за вакцинација или прележан Ковид-19, како и задолжителниот тест за невакцинираните што важат за влез во сите простори во внатрешноста на Грција, додека пак за правилата за патување во земјата, дополнително ќе се донесе одлука.

МИА