ТВ 24 по петти пат од АВМУ бара дозвола за телевизиско емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, односно за национално емитување, наместо сегашното преку кабелски оператор. Оваа телевизија има четири негативни одговори, откако претходно АВMУ четири пати нарачаувала Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување. За таа намена за четирите студии, Агенцијата платила близу 19.500 евра. На седницата на Советот на АВМУ на 21 февруари, нарачана е нова ваква Студија.
Добивањето на националната апликација ќе значи делење на рекламниот колач со останатите пет телевизии, кои заедно земаат две третини од буџетите за медиско рекламирање. Оттука е веројатно упорноста на ТВ 24.
Во меѓувреме, додека се изјасни АВМУ потсетуваме на наодите и сомневањата за поврзаност, односно медиумска концентрација со фирмите на Роберт Димитров преку порано објавеното истражување „Балканска медиумска индустрија – Mакедонски ендемски вид“, објавено во април 2018 година. Ова истражување го објавуваме во повеќе делови:
Прв дел:
МММ-Македонска медиумска мафија, фантоми или пирати?
Медиумската концентрација е клучно прашање за слобода на говор и информирањето, за што особено заинтересирани се Советот на Европа и ОБСЕ, а уште повеќе Европската унија, за која ова прашање е еден од условите за преговори.
Во ова медиско опкружување успешно се вклопува профилот на директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, чија главна мисија беше да се етаблираат и да функционираат партиските медиуми. При тоа, Трајчевски како англиска кралица беше недопирлив за ниедна страна. Прашањето е формално – како да го разреши без загуба и се да си остане во етерот по старо, само формалната страна да биде запазена, а бирократската логика задоволена. Суштината не е важна. Истите медиумски газди од 90-тите остануваат главни играчи, со повремена појава на нов фантом или пират.
Балканската медиумска индустрија гледано преку призмата на македонскиот ендемски вид подразбира дека кога се менува власта се менуваат и клиентите. Тоа е првиот принцип.
Вториот принцип, кога се менува власта се менуваат и уредниците. И третиот принцип е политичка солидарност, поставена од времето на Љубчо (Ѓеорѓиевски) и на Бранко (Црвенковски), која гласи: Кога сум јас на власт тебе не ти правам ништо, а кога ќе се смени ти мене не ми правиш ништо и сите се среќни.
Шарената револуција донесе нов слоган, „Нема правда нема мир“. Ќе одговараат сите, нема простор за скриен клиентилизам и корупција.
Можеби гласачите го препознаа овој нов бран, но дали тоа го препозна Зоран Трајчевски кој што преку својата Итар Пејо практика, заедно со заменик претседателот на ААВМУ, Милаим Фетаи како Настрадин Оџа, успешно владеат 6 години и се надеваат на нов мандат? *(Фетаи во 2021 година стана амбасадор на РСМ во Хрватска, по предлог на ДУИ н.з.)
Повеќе никој не зборува за транзицискиот проблем стар 26 години, наречен транспарентност на сопствеништвото за медиумите. Не е ниту во приоритетните медиумски реформи. Владата, потпомогната од изјавите на челниците од АВМУ се чини дека го стави под тепих проблемот на сопствеништвото, со навидум комплицираните непристојни и испреплетени врски на политичари, бизнисмени и сопственици на медиумите. Методот „три во едно“ како изум на балканскиот транзициски медиумски простор продолжи да функционира, длабоко игнориран и од новата власт, институциите па и медиумските здруженија, кои остро повикуваа на „раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта“.
Кој е Трајчевски ?
Зоран Трајчевски – машински инженер со вмровска прекоманда во медиуми. Директорот на АВМУ доаѓа по годините поминати на позиции со типично политички назначувања. Нагорната линија на неговата кариера е во време на владеењето на Груевски и ВМРО ДПМНЕ, кога вршел функции чувар на владиниот капитал во државните компании, вклучувајќи ја и функцијата застапник на владата во АД „Македонски телекомуникации“ и претседател на Собранието на акционери. Од владин застапник до претседател на Совет на Општината Аеродром од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Во неговиот работен век поминува години во Управните одбори на државните претпријатија, како „Македонски пошти“, „Комунална хигиена“, а бил директор до АД „Емо“ и заменик директор ЈП „Македонска радиодифузија“.
Куриозитет во неговото CV е дека постдипломски студии завршува на Привредна Академија во Нови Сад, Србија, а на истата академија се стекна со научен степен доктор на економски науки. Магистер е по машински науки и енергетска ефикасност и магистер по економски науки.
Во Агенцијата-поранешен Совет за радиодифузија е од 2011 година, а следната година станува претседател на Советот се’ до 2014 година. Го спасува законската промена, кога добива нов шестгодишен мандат, кој му завршува во април 2018 година.
Деновиве „од извори од Брисел“ се пренесе дека ЕУ била против промената на Трајчевски од челното место во Агенцијата, за која во извештајот на Прибе се нотирани повеќе забелешки. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи подоцна на прес конференција ова го демантираше со образложение дека „сите именувања да бидат според законската процедура, транспарентни и без никакви елементи на политички и на партиски реваншизам“.
Трајчевски, како што беше добар и послушен играч на претходната власт на ВМРО ДПМНЕ, се обидува тоа да го прави и со новата, предводена од СДСМ, преку индискретно ставање на знаење на одредени партиски структури дека „е тука да угоди“. Секако, во тоа не му оди во пресрет предлогот на законска измена, со која, во АВМУ не може да членуваат или да бидат членови луѓе кои во изминатите десет години вршеле политички функции.
Продолжува…